/ Прочитано:

5.354

Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кои предвидуваат нов рок за барањата – во собраниска процедура

Со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се уредуваaт условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти.

„По направените консултации и анализи со граѓаните и геодетските фирми беше добиен заклучок/впечаток дека ниту граѓаните, ниту геодетските фирми не можеле во целост да ја завршат работата во претходно предвидениот законски рок“, се вели во законското образложение.

Со овие предложени измени се воведува нов рок за доставување на барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, односно тоа да биде од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, односно од 1 јануари 2018 година до 31 декември 2018 година, а барателите на кои до денот на отпочнувањето на примената на овој закон им било одбиено барањето поради некомплетирана документација пропишана во членовите 6, 7 и 8 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, да можат да поднесат ново барање за утврдување на правен статус на бесправен објект, во рок од шест месеци од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, односно 30.6.2018 година.

Услов е на објектот што ќе се легализира заклучно со 3 март 2011 година да се изведени градежните и инсталациските работи во целост и да претставуваат градежна и функционална целина. Овој рок не се однесува на барателите што  доставиле барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект за кои надлежниот орган донел правосилно решение за одбивање на барањето за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект поради неисполнување на условите пропишани во Законот.

Со овој предлог на закон им се дава можност на сите лица кои од кои било причини не успеале да достават барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект или пак не успеале да го комплетираат барањето (не доставиле соодветна документација во согласност со Законот), да го направат истото во пропишаниот рок, под истите услови кои важеле досега.Предлог-законот се заснова на истите начела врз основа на кои е донесен Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

М.В