/ Прочитано:

805

Израелска забранета свадба: И покрај смртните закани, Палестинец и Еврејка стапија во брак

Понеделник, 18 август 2014 – Во Тел Авив вчера се одржа свадба меѓу Палестинец и Еврејка, која во услови на високо ниво на безбедност во Израел, беше проследена со протести, смртни закани, полиција и обезбедување.

„Заедно сме пет години, но никогаш не сме се соочиле со ваков расизам. Знаев дека има расисти, но додека не го почувствуваш расизмот на своја кожа, не можеш точно да знаеш за што се работи“, вели младиот Махмут Менсур, кој додава дека би го разбрал протестот ако е некој од семејството на неговата сопруга Малка, но вели дека не разбира зошто се бунат луѓе кои директно не се инволвирани, ниту засегнати од случајот.

Сепак, во Израел „Забранетата свадба“ постана и национално прашање – политички, социолошки, религиозни, културолошки повици за негативното значење на овој чин и претходеа на свадбата. Смртните закани со линчување, исто така беа составен дел од кампањата против овој брак. Но, брачната двојка вели дека тоа не ги обесхрабрило и дека имаат и многу поддршка од луѓе кои ги охрабруваат да издржат во тешките мигови кои го засенуваат најсреќниот чин во нивниот живот.

„На најсреќниот ден во нашите животи, ние одиме по судски налози во судот и се плашиме за нашите животи. Жално е тоа за оваа земја“, велат младите сопружници.

Тие одлучиле да побараат поддршка од судот во Тел Авив за да се оневозможат протестите, но судот одлучил дека граѓани може да протестираат, но на 200 метри оддалеченост.

Покрај тоа, за безбедноста на свадбата било ангажирано дополнително обезбедување, кое, според изјавите на брачната двојка, чинело половина од сумата што ја потрошиле за организација на свечениот чин.

За време на одржувањето на свадбата, околу 200 демонстранти протестирале пред салата каде се одржувала церемонијата. „Смрт за Арапите“, извикувале тие, со намера да ја спречат свадбата, но полицијата успеала да ги задржи. Четворица демонстранти биле уапсени за непочитување на полициските инструкции. Во исто време се одржале и контра протести во знак на поддршка на бракот на двојката.

Односите помеѓу Евреите и Палестинците последниве недели се особено затегнати, проследени со жестоки судири, вооружени напади и голем број на жртви.

(М.В)