/ Прочитано:

2.107

Извештај на ЕК за Македонија: Политичкото влијание ги уназадува реформите во судството

„Властите не успеаја да покажат политичка волја која е потребна да се соочат со основните прашања што се идентификувани во „Итните реформски приоритети“. Сите препреки со кои се соочува новоформираното Специјално јавно обвинителство ја истакнаа потребата од поефектно соочување со недостигот на независност на судството и да се спречи селективна правда“, се вели во извештајот на ЕК.

Европска комисија зграда

Спроведување веродостојни избори на 11 декември, признати од меѓународната заедница, и целосна имплементација на реформските приоритети на Европската комисија се условите во осмата по ред препорака за отпочнување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.

На 88 страници во овогодишниот извештај на Европската комисијата за напредокот на Македонија се содржани политичките, економските и правните текови во земјава според кои се оценува прогресот на Република Македонија во текот на изминатава година.  

Во извештајот на ЕК се наведува дека во Македонија демократијата и владеењето на правото постојано се соочуваат со предизвик, особено поради контрола од страна на државна, што влијае на функционирањето на демократските институции и на клучните области на општеството.

„Властите не успеаја да покажат политичка волја која е потребна да се соочат со основните прашања што се идентификувани во „Итните реформски приоритети“. Сите препреки со кои се соочува новоформираното Специјално обвинителство ја истакнаа потребата од поефектно соочување со недостигот на независност на судството и да се спречи селективна правда“, се вели во извештајот.

Според Европската комисија, Македонија уназадува во спроведувањето на реформите во судството, особено поради тоа што овој сектор во општеството е длабоко поткопан од политичкото влијание во работата.

Во извештајот, исто така, се наведува дека работата на Специјалното јавно обвинителство, формирано во 2015 година со цел да ги истражува случаите поврзани со скандалот со прислушувањето, продолжува да биде попречуванa. Кривичниот суд редовно, според Европската комисија, одбива да даде предистражни мерки побарани од СЈО, како дел од нивните истражувања, а Советот на јавни обвинители и владејачката партија јавно ја критикуваат неговата работа.

Корупцијата, исто така, претставува сериозен проблем во Македонија. Во извештајот на Европската комисија се наведува дека корупцијата е длабоко навлезена во многу области.

Во однос на заштитата на човековите права, законодавната и институционалната рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди. Потребни се дополнителни напори во пракса за да се обезбеди почитување на човековите права на ранливите групи, вклучувајќи ги и бегалците и мигрантите. Според извештајот на Европската комисија, најмаргинализираните категории од населението сè уште не се ставени под целосна заштита.

Во областа на слободата на изразување, земјата има одредено ниво на подготовка, но слободата на изразување и состојбата на медиумите останува сериозен предизвик во сегашната политичка клима, се вели во извештајот на Европската комисија.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, кој денеска во Брисел го презентираше извештајот за Македонија, нагласи дека земјата мора да ги исполни сите услови предвидени со Договорот од Пржино.

„Политичката криза сè уште е присутна, без разлика на добрите чекори што беа направени во последно време. Лидерите сега имаат шанса да ја надминат кризата и да се насочат кон решавање на системските проблеми. Треба да се спроведат веродостојни избори. Македонија, како и Србија, играше голема улога во мигрантската криза и соработуваше со земјите членки и со земјите од соседството. Европската комисија ја задржува препораката од минатата година, но ја условува со целосно спроведување на Договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети“, порача Хан.

А. Б.