/ Прочитано:

981

ИЗВЕШТАЈ НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ: Игнорирањето на средношколците е директно кршење на Конвенцијата за правата на детето

Вторник, 23 јуни 2015 – Позитивната обврска на државата за посебна заштита на децата кои учествуваат во протести се согледува и низ праксата на Европскиот суд за човекови права. Во случајот „Castle and Others v Great Britain“ Европскиот суд за човекови права го утврдува правото на децата да учествуваат во протести, потенцирајќи дека треба да се сметаат за ранлива група и затоа државата треба да им обезбеди посебна заштита, особено од страна на полициските службеници, при практикување на ова право, се наведува во најновиот двомесечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Двомесечните протести, бојкот на наставата и поставувањето на камп наспроти Министерството за образование и наука од страна на автономното движење Средношколски пленум започна под остри напади кон младите, кои земаа активно учество во протестите и во преговорите со Министерството.  Имено, Комитетот забележа обиди за прекин на бојкотот и преговорите преку различни методи на заплашување и етикетирање на младите во јавноста. И покрај бројноста и правната основа за прифаќање на понудените измени во реформите од страна на младите, сепак, Министерството за образование и наука одлучи да ги игнорира и да молчи до прекинот на протестите“, се вели во двомесешниот извештај на Хелсиншкиот комитет.

Комитетот изнесува забелешки и за преговорите што се водеа меѓу претставниците на Средношколскиот пленум со министерот за образование и со заменикот-министер за образование, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски, и вице-премиерот Владимир Пешевски.

„Обидите за дискредитација на барањата на младите, како и нивната личност и достоинство не беа земени предвид. Одвоените 20 минути простор за зборување за состанок во времетраење од 1 час и 15 минути укажуваат на непознавањето и непочитувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на детето, која во членот 12 предвидува дека детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. Воедно, Комитетот ги разгледа правните основи на младите и во целост ги поддржува барањата за укинување на екстерното тестирање како модел“, велат од Комитетот.

Комитет потсетува дека  државите имаат позитивна обврска да го штитат ова право на децата и да ги едуцираат државните, јавните и полициските службеници за правото на децата да протестираат, со цел полесно практикување на ова право.

„Позитивната обврска на државата за посебна заштита на децата кои учествуваат во протести се согледува и низ праксата на Европскиот суд за човекови права. Во случајот „Castle and Others v Great Britain“ Европскиот суд за човекови права го утврдува правото на децата да учествуваат во протести, потенцирајќи дека треба да се сметаат за ранлива група и затоа државата треба да им обезбеди посебна заштита, особено од страна на полициските службеници, при практикување на ова право“, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет.

„Дополнително, игнорирањето на протестите на средношколците и нивните барања од страна на Министерството за образование и наука претставува директно кршење на Конвенцијата за правата на детето, која во членот 12 предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. За таа цел, на детето посебно му се дава можност да биде сослушано во сите постапки кои се однесуваат на него, непосредно или посредно“, додаваат од Комитетот.

Хелсиншкиот комитет потенцира дека и Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, во завршните согледувања за Република Македонија за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето, препорачува во целост да се почитува овој член на начин што децата ќе бидат слушнати во семејството и училиштата, но и во општеството во целост.

 М.В