/ Прочитано:

1.268

ИЗВЕШТАЈ НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ: Случаи со дискриминација во учебник и неможност за остварување на правата од социјална заштита

Хелсиншкиот комитет за човековите права го објави месечниот извештај за човековите права во Република Македонија. Во месечниот извештај се нотира дискриминација врз основа на пол и род, здравствена состојба, попреченост и религија во учебникот „Граѓанско образование“ за осмо одделение, неможност за остварување на правото на користење семејна пензија на лице со попреченост, како и неможност за остварување на правото на користење семејна пензија поради погрешно утврдена фактичка состојба, како и сегрегација во средното образование на ученици од ромска етничка припадност. Воедно, во извештајот од Хелсиншкиот комитет нагласуваат дека политичката криза генерира криминал од омраза.

Дискриминација врз основа на пол и род, здравствена состојба, попреченост и религија во учебни „Граѓанско образование“ за осмо одделение

Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека во учебникот „Граѓанско образование“ за осмо одделение содржи повреда на правото на образование преку дискриминаторски содржини врз основа на пол и род, здравствена  состојба, попреченост и религија.

„Во учебникот на стр. 34 и 35 се учи за правата на жената и меѓу другото се вели дека ‘само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството’. Ваквото тврдење претставува дискриминација врз основа на здравствена состојба и физичка и интелектуална попреченост кон сите жени со физичка и интелектуална попреченост, хронични заболувања или какви било здравствени проблеми бидејќи тие не се претставени како ‘здрави’ според дефиницијата на авторите“, истакнуваат од Комитетот.

Од друга страна, посочуваат од Комитетот, ваквата дефиниција е исклучително дискриминаторска кон жените кои немаат или не може да имаат деца, бидејќи тие не се мајки, а според авторите на учебникот, тие се изоставени и не може да  придонесат во процесот на „понатамошен развој на општеството“. Дополнително загрижувачки е што авторите, додаваат од Комитетот, велат дека ваквото тврдење се наоѓа во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација (CEDAW), што апсолутно не е точно и претставува погрешно толкување на Конвенцијата.

„Во прилог на истата лекција има две фотографии од кои на едната фотографија е прикажана  жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија е прикажана жена која седи со прекрстени  нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?“. Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето: ‘Која од овие жени се изборила за своите права?’, бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се изборила за своите права“, истакнуваат од Комитетот.

„Во понатамошниот дел од истата лекција, авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи се да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека ‘се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга Постанок на Мојсеј, Бог ѝ вели на жената: ‘Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар’. Ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз жените врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и дискриминација врз жените врз основа на пол и род“, сметаат од Комитетот.

Неможност за остварување на правото на користење семејна пензија на лице со попреченост

До Хелсиншкиот комитет, се вели во месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет, се обрати лицето П.З. со барање  за правна помош. Имено, се работи за лице со церебрална парализа кое има поднесено барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за наследување на семејната пензија од својата мајка која е почината во 2011 година.

Семејната пензија ја има наследено неговиот татко, не знаејќи за можноста неговиот син да биде носител на правото. По добиените сознанија за оваа можност, таткото во име на П.З. испратил барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за пензијата да биде префрлена на неговиот син П.З., а сѐ со цел неговиот син да биде заштитен и да има примања бидејќи не е работоспособен. Ваквото барање на П.З. било одбиено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со образложение дека Комисијата за оцена на работната способност е со мислење дека лицето е способно  за самостоен живот.

Незадоволен од ваквото решение, П.З. поднел жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која му била одбиена.

Против ова решение на Второстепената комисија, П.З. повел управен спор со поднесување на тужба до Управниот суд. Управниот суд, одлучувајќи по тужбата, го поништил решението на Второстепената комисија и го вратил предметот на повторно разгледување и одлучување.

Одлучувајќи по вратениот предмет, Второстепената комисија ја уважила жалбата на П.З. и го поништила  решението на првостепениот орган враќајќи го предметот на повторно разгледување и одлучување. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, одлучувајќи по овој предмет, повторно донел исто решение со кое на лицето П.З. не му се признава правото на семејна пензија, со истото образложение дека лицето е способно за самостоен живот.

И на ова решение, П.З. поднел жалба до второстепениот орган, а второстепениот орган жалбата ја уважил, решението го поништил и предметот повторно го вратил на разгледување и одлучување. Меѓутоа, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и по третпат не отстапува од своето мислење и донесува исто решение со кое барањето се одбива. Странката и на ова решение поднесува жалба и во моментот е во очекување на одлуката на второстепениот орган.

Во конкретниот случај, целата постапка трае исклучително долго, а лицето е принудено на неколку месеци да се појавува на проценка пред Комисијата за оцена на работната способност. Нејасно е зошто оваа комисија во конкретниот

случај смета дека лицето е способно за самостоен живот, наспроти фактот што лицето е  со доживотна дијагноза на церебрална парализа, за што има неколку наоди од лекари во кои јасно е констатирано дека се работи за лице со тешки  пречки во физичкиот развиток.

На овој начин, на лицето му е ускратено правото на користење семејна пензија, кое право е предвидено и уредено со споменатиот закон. Правото на остварување семејна пензија во Република Mакедонија е регулирано со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Овој закон предвидува дека дете стекнува, односно  користи право на семејна пензија ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата кој го издржувал, било неспособно за работа или таквата неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата.

Дополнително, овој закон предвидува дека доколку во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна  пензија и дека детето инвалид има право на семејна пензија по престанокот на работниот  однос. Меѓутоа, практиката покажува дека одредбите од овој закон не се применуваат,  односно дека постои нивна селективна примена.

Хелсиншкиот комитет апелира до надлежната институција за одлучување по барања за остварување на правата на семејна пензија, односно Фондот за пензиско и инвалидско  осигурување, да се придржува до законот и насоките на повисоките органи при одлучувањето за остварување на правото на семејна пензија. Ова  се однесува особено за случаите на лица со трајна попреченост и неспособност за работа и самостоен живот како ранлива категоријa.

M.В