/ Прочитано:

2.568

Извештај на УНИЦЕФ: „Првите моменти се важни за секое дете“

За оптимален развој уште во најраното детство, како што е наведено во Извештајот на УНИЦЕФ, клучни се неколку фактори: предучилишното образование во траење од две години, платените паузи за доење во текот на првите шест месеци од животот на детето, шест месеци платено породилно отсуство, како и четири седмици платено отсуство за таткото. Според УНИЦЕФ, сето ова придонесува родителите да им обезбедат подобра заштита на своите деца, а низ заедничка игра со нив, се овозможува правилен развој на мозокот во период кога тој се развива, со стапка којашто во подоцнежните години од растот на децата не се повторува.

Извештајот на Фондот за деца (УНИЦЕФ) при Обединетите нации, насловен „Првите моменти се важни за секое дете“, ќе биде презентиран денеска на 72. заседание на Генералното собрание на ОН. Во овој документ, УНИЦЕФ наведува дека само 15 земји во светот располагаат со трите основни национални политики кои помагаат да се гарантираат времето и ресурсите кои им се неопходни на родителите во поддршка на здравиот развој на мозокот на нивните деца, а тоа се: Белорусија, Бугарија, Куба, Франција, Унгарија, Италија, Летонија, Луксембург, Португалија, Романија, Руска Федерација, Сан Марино, Шведска, Туркменистан и Украина.

За оптимален развој уште во најраното детство, како што е наведено во Извештајот на УНИЦЕФ, клучни се неколку фактори: предучилишното образование во траење од две години, платените паузи за доење во текот на првите шест месеци од животот на детето, шест месеци платено породилно отсуство, како и четири седмици платено отсуство за таткото. Според УНИЦЕФ, сето ова придонесува родителите да им обезбедат подобра заштита на своите деца, а низ заедничка игра со нив, се овозможува правилен развој на мозокот во период кога тој се развива, со стапка којашто во подоцнежните години од растот на децата не се повторува.

Ентони Лејк, извршниот директор на УНИЦЕФ, го поставува прашањето која е најважната работа што ја имаат децата? Неговиот одговор е дека тоа е нивниот мозок.

„Но, ние не се грижиме за детскиот мозок на начин на кој се грижиме за телото кај децата, особено во раното детство, кога научно е докажано дека исклучително бргу се оформуваат детските мозоци и особеностите кај децата. Треба да направиме повеќе за да им ја дадеме поддршката на родителите и негувателите на малите деца која им е неопходна во периодот кога нивниот мозок се развива најбргу“, изјави Лејк.

Бројот на земјите што креираат политики за поттикнување на правилен развој на мозокот на децата е премногу мал, па затоа Извештајот на УНИЦЕФ претставува апел до преостанатите влади на државите, а пред сè, до приватните компании да дадат силна поддршка за правилен развој на децата уште од најраниот период.

Состојбата е најлоша во 32 земји во светот, каде што живеат околу 85 милиони деца, а дури 40 проценти од овие деца живеат во само две земји, односно во Бангладеш и во САД. Другите држави во кои не се спроведува ниту една од трите основни национални политики за поддршка на семејствата со мали деца се: Алжир, Австралија, Барбадос, Белизе, Бутан, Босна и Херцеговина, Брунеј, Доминика, Гамбија, Гренада, Кенија,  Демократска Народна Република Кореја, Либерија, Малави, Малезија, Федерални Држави на Микронезија, Мјанмар, Намибија, Оман, Сиера Леоне, Сингапур, Јужна Африка, Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свазиланд, Тонга, Тринидад и Тобаго, Уганда, САД, Јемен и Замбија.

Освен тоа, УНИЦЕФ во Извештајот предупредува дека милиони деца под петгодишна возраст ги поминуваат годините на нивно формирање во небезбедна и нестимулативна средина. Во оваа насока, како што истакнува УНИЦЕФ, дури 75 милиони деца во областите зафатени со конфликт се изложени на зголемен ризик од токсичен стрес, што пак може да ги инхибира врските помеѓу мозочните ќелии во раното детство.

Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека забавен раст и развој имаат дури 155 милиони деца во светот кои се помали од пет години, пред сè, поради лошата исхрана, нездравото опкружување и болестите.

Во средини каде што има енормно загадување на воздухот живеат околу 300 милиони деца, а според последните истражувања од областа на животната средина, ова во голема мера придонесува за оштетување на мозокот на децата.

Лејк вели дека инвестирањето во децата уште од најмали нозе придонесува и за раст и развој на самото општество, бидејќи како што појаснува тој, постои студија која открива дека децата од сиромашните домаќинства кои имаат искуства преку игра и рано учење на рана возраст заработиле во просек 25 проценти повеќе како возрасни лица, отколку оние што ги немале тие искуства.

„Доколку сега не инвестираме во најранливите деца и семејства, ќе продолжиме да ги одржуваме меѓугенерациските циклуси на обесправеност и нерамноправност. Живот по живот, пропуштена можност по пропуштена можност, само го зголемуваат јазот помеѓу богатите и сиромашните и тоа ги поткопува нашата долгорочна сила и стабилност“, посочува Лејк.

За жал, додава Лејк, владите ширум светот, во просек, трошат помалку од два процента од своите буџети за образование на програмите во раното детство. Доколку сериозно инвестираме во првите години кај децата, во иднина се остваруваат значителни економски добивки.

Со објавувањето на извештајот, УНИЦЕФ ги повикува владите да инвестираат во услуги наменети за развој на децата уште во првите месеци од нивниот живот, како и да инвестираат во училиштата, предучилишните установи, здравствените клиники. УНИЦЕФ истакнува дека владите на државите и пред сè, приватните компании треба активно да се вклучат во креирање на политики по мерка на семејствата од кои најважни се: две години бесплатно предучилишно образование, платено родителско/породилно отсуство и платени паузи за доење, обезбедување на неопходното време и ресурси за вработените родители во поддршка на развојот на мозокот кај нивните деца, како и на напредокот на најранливите деца и семејства.

А. Б.