/ Прочитано:

2.126

Извештај за примената на ПИ-мерките во 2015: Врз 365 лица применета е мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации

Мерката следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации е применета во вкупно 6 случаи, против 174 лица со утврден идентитет и против 68 лица со неутврден идентитет.

Табла, Основно јавно обвинителство Скопје

Во текот на 2015 година, на ниво на Република Македонија, во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки, од чл. 252 од ЗКП, во 57 случаи, против 328 лица со утврден идентитет, против 107 лица со неутврден идентитет и против 15 предмети на кривично дело. За споредба, во 2014 година во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки во 88 случаи, против 183 лица со утврден идентитет и против 36 лица со неутврден идентитет.

Мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации, во постапка утврдена со посебен закон, е применета во вкупно 30 случаи, против 271 лице со утврден идентитет и против 94 лица со неутврден идентитет.

Мерката следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации е применета во вкупно 6 случаи, против 174 лица со утврден идентитет и против 68 лица со неутврден идентитет.

Мерката тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен е применета во вкупно 28 случаи, против 257 лица со утврден идентитет, против 93 лица со неутврден идентитет и против 14 предмети на кривично дело.

Мерката таен увид и пребарување во компјутерски систем е применета во вкупно 1 случај, против 4 лица со утврден идентитет. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебната истражна мерка, во овој случај против сите 4 лица поднесен е обвинителен акт.

Мерката автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на личните податоци не била применета во ниту еден случај.

Мерката увид во остварени телефонски и други електронски комуникации е применета во вкупно 19 случаи, против 181 лице со утврден идентитет и против 74 лица со неутврден идентитет.

Мерката симулиран откуп на предмети е применета во 2 случаи, против 6 лица со утврден идентитет.

Мерката симулирано давање и примање поткуп е применета во вкупно 3 случаи, против 71 лице со утврден идентитет и против 35 лица со неутврден идентитет.

Мерката контролирана испорака и превоз на лица и предмети е применета во 1 случај против 1 лице со утврден идентитет и против 1 предмет на кривично дело. Примената на мерката траела до 3 месеци. За ова лице е истечена посебната истражна мерка, но против него е во тек предистражна постапка.

Мерката користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци е применета во вкупно 4 случаи против 15 лица со утврден идентитет.

Мерката отворање симулирана банкарска сметка не била применета во ниту еден случај, исто како и мерката симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци.

Според заклучокот од Извештајот, со примената на посебните истражни мерки зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата против организираниот криминал и корупцијата, а вкупниот ефект кој ќе се оствари врз основа на спроведените посебни истражни мерки во текот на 2015 година допрва ќе следува, од причини што за поголем број лица примената на мерките е сè уште во тек, а за голем број лица во тек е предистражната постапка.