/ Прочитано:

1.262

Извештајот на Јанева ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, специјалната јавна обвинителка поканета и утре во Собранието

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека немаат добиено официјален допис со кој повторно се поканува специјалната јавна обвинителка на седниците на Советот на јавни обвинители и на Седницата во Собранието на Република Македонија и со кој би биле известени за неопходноста од присуството на Јанева, ниту за околностите од кои произлегува таквата неопходност.

Седница на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Отсуството на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, каде што требаше да биде разгледан Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ го искористија за меѓусебни обвинувања во врска со тоа кој ја поддржува работата на СЈО, но и кој како ги толкува законите.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците единствена точка на дневниот ред беше Извештајот на Јанева, но претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев, од ВМРО-ДПМНЕ, констатираше дека нема услови за нејзино одржување бидејќи, иако била поканета, Јанева не дошла да го образложи Извештајот. Инаку, покрај членовите на Комисијата и нивните заменици, на седницата беше присутна и речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е целосно непочитување на Уставот на РМ, на Собранието и на законите. Република Македонија е парламентарна република и сите избрани и именувани функционери имаат одговорност пред Собранието на РМ. За жал, денеска Катица Јанева се стави и над Собранието и над Уставот. Пред ова Собрание еднаш годишно извештај поднесува лично Претседателот на РМ, еднаш месечно извештај за работата поднесуваат и даваат одговори премиерот и сите министри, секојдневно на нашите комисиски и пленарни седници присуствуваат и даваат одговори сите министри, заменици-министри и државни секретари, пред ова Собрание извештај даваат и присуствуваат и претседателите на Советот на јавни обвинители, Судскиот совет, Народниот правобранител и цела низа на институции, како и сите амбасадори кои ги испраќа РМ. Пред ова Собрание доаѓаат претставници на сите регулаторни тела, агенции и комисии“, рече Ѓорчев.

Со недоаѓањето, вели Ѓорчев, Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Уставот ниту според законите.

Седница на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

„Таа нема причина да се плаши и да не доаѓа во Собранието ако се сите нејзини постапки законски и ако се темелат на факти и докази. Бегањето од Собранието е бегање од себе и од обврската да си ја заврши работата“, додава Ѓорчев.

Според него, Јанева апсолутно има обврска да го поднесе Извештајот да Собранието, да го образложи Извештајот и да се соочи со пратениците кои имаат прашања. Ѓорчев не коментираше каква ќе биде понатамошната судбина на Извештајот доколку не дојде Јанева и доколку не биде разгледан Извештајот на комисиска расправа.

Коментарот за Извештајот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го соопштат на седница на Комисијата кога ќе дојде Јанева.

Од СДСМ го оценија како театар однесувањето на владејачката партија. Според Рената Дескоска, денешното однесување на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е уште една потврда за стравот на Никола Груевски да се соочи со одговорноста за криминалите за кои слушнавме во проектот „Вистината за Македонија“.

„Од моментот на формирањето на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ за да биде во целост опструирана и оневозможена работата на ова обвинителство, со цел да избега од одговорноста. Очигледно е дека најавата за први обвиненија, содржана во Извештајот на СЈО, создава паника во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и токму денешното поведение на Ѓорчев е доказ за тоа. Очигледно е дека владејачката партија нема намера да дебатира за Извештајот на СЈО. Потврда за тоа е досегашната практика на ВМРО-ДМПНЕ никогаш да не се разгледуваат извештаите на јавните обвинители на Собрание. Разгледувани се само извештаите на Советот на јавни обвинители. При исти законски обврски на Јанева и на јавниот обвинител Марко Зврлевски да доставуваат извештај до Собранието, Ѓорчев закажа седница за Извештајот на Јанева, а сè уште нема закажано седница за Извештајот на Марко Зврлевски поднесен на 23 јуни 2015 година. Ставот на СДСМ е дека Собранието треба да ги разгледува и двата извештаи“, вели Дескоска.

Седница на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Таа додава дека ставот на СДСМ е дека за сите извештаи кои доаѓаат од разни државни институции треба да се дебатира во Собранието, и на комисиска расправа и на пленарна седница.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека немаат добиено официјален допис со кој повторно се поканува специјалната јавна обвинителка на седниците на Советот на јавни обвинители и на Седницата во Собранието на Република Македонија и со кој би биле известени за неопходноста од присуството на Јанева, ниту за околностите од кои произлегува таквата неопходност.

„По однос на обвинувањата дека СЈО се става над Уставот и Законите, апелираме до сите субјекти кои на овој начин ја критикуваат работата на ова Јавно обвинителство, да се повикаат точно на членови од Уставот и Законот од кои произлегува нашата обврска да се дава отчет пред Собранието или пред Советот на Јавни обвинители“, велат од СЈО.

Од таму додаваат дека Извештајот е акт со кој се информираат институциите и јавноста за работата на ова Јавно обвинителство и дека во истиот е содржано образложение, па имајќи предвид дека Законот не пропишува обврска за усна презентација на извештајот, сметаат дека во целост ги имаат исполнето законските обврски.

М.С.