/ Прочитано:

1.285

Извештајот на СЈО стигна во Собранието и во Советот на јавни обвинители, но сè уште не е на дневен ред

Обвинителката Јанева најави дека во периодот од 19 до 30 септември е подготвена да го презентира извештајот пред пратениците и пред Советот на јавни обвинители, пред кои според Законот таа треба да ги доставува извештаите за работата.

Нова зграда на СЈО

Вториот извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство се наоѓа пред пратениците во Собранието на РМ. Извештајот е објавен по точно една година откако Собранието едногласно го усвои Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и откако ја избра обвинителката Катица Јанева на чело на новоформираното обвинителство.

Извештајот сè уште не е ставен на дневен ред на седница. Обвинителката Јанева најави дека во периодот од 19 до 30 септември е подготвена да го презентира извештајот пред пратениците и пред Советот на јавни обвинители, пред кои според Законот таа треба да ги доставува извештаите за работата.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Аневски, потврди дека извештајот на СЈО е пристигнат и во Советот. Тој вели дека по консултација со членовите, извештајот ќе биде ставен на дневен ред на седница, а на неа ќе биде поканета и специјалната јавна обвинителка Јанева.

Шестмесечниот период опфатен во извештајот, како што наведува Јанева, претставува:

„Континуитет во работата на ова јавно обвинителство за зголемување на бројот на предистражните и истражните дејствија и на опфатот на инволвираните лица во тие дејствија, за подобрување на стручниот капацитет на истражувачките тимови, како и за стручно и похрабро спротивставување на опструкцијата во работата на ова јавно обвинителство, за пораст на оптимизмот кај обвинителскиот тим за поквалитетно извршување на поставените задачи и за зголемувањето на довербата на ова јавно обвинителство во очите на домашната и меѓународната јавност.“

Обвинителите интензивно работат на преслушување и на обработка на доставените материјали и заклучно со 15 септември во процес на обработка се 55 250 аудиофајлови, односно 12 % од вкупниот број на доставени аудиофајлови, се наведува во извештајот.

„Во тек се вкупно 38 предистражни постапки во кои се преземаат сите законски дејствија за истражување на настани. Од нив, 16 предистражни постапки произлегуваат од  јавно објавените аудиоснимки, а 22 предистражни постапки произлегуваат од аудиоснимките кои не се објавени и со кои јавноста не е запознаена“, наведува Јанева во извештајот.

Предистражните постапки, појаснува обвинителката во извештајот, се однесуваат на незаконското следење на комуникациите – прислушувањето, како и на незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Во извештајниот перод, СЈО се доекипирало со уште осум полициски службеници од МВР, но, како што наведува Јанева во извештајот, сè уште не е постапено по нејзината наредба за доделување на уште еден полицаец од Управата на финансиската полиција.

05 (2)

„Оттука, моменталниот број на припадници на правосудната полиција – истражители доделени за работа во ова јавно обвинителство, е 23. Од ноември 2015 година до 15 септември 2016 година подготвени се сумарни податоци за активностите на истражителите, кои се составен дел од овој извештај“, се наведува во извештајот.

Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените истраги, како и отворените предистражни постапки, како и преслушувањето на материјалите, при што се  издвојуваат приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија, дефинирани во Законот за заштита на приватноста.

„Од исклучителна важност е Собранието да ја разгледа можноста за измена на членот 22 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со кој се утврдува рок од 18 месеци за покренување на обвинение или за запирање на истражната постапка“, вели Јанева.

Наведениот член мора да се измени и да се утврди нов оптимален рок бидејќи, поради обемноста на предадените материјали, на ова јавно обвинителство ќе му треба повеќе време во целост да го оформи сознанието за индициите за кривични дела што ги содржат тие материјали, се појаснува во извештајот.

Во претстојниот период очекувам од страна на Собранието да биде разгледана и Иницијативата за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, како еден од неопходните услови за уредување на постапката за заштита на сведоци во однос на предметите кои се од надлежност на ова јавно обвинителство и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на јавното обвинителство, заклучува Јанева.

Катица Јанева беше избрана да раководи со новоформираното јавно обвинителство на 15 септември 2015 година, што беше одлучено со политичкиот Договор од Пржино. Првиот извештај за работењето на СЈО беше објавен на 15 март. Тој беше доставен до Собранието и до Советот на јавните обвинители, но Јанева не го презентираше лично.

М. С.

КАТИЦА ЈАНЕВА: Шестмесечниот извештај ќе го презентирам во Собранието на РМ и во Советот на јавните обвинители

Лица од извршната власт и службени лица од УБК осомничени во новите два предмети на СЈО