/ Прочитано:

3.028

ИЗВРШНА ПРЕСУДА НА УПРАВНИОТ СУД: ПИОМ незаконски „крател“ од парите на пензионер

Управниот суд донесе мериторна пресуда со која се утврдува дека ПИОМ погрешно ја пресметувал пензиската основица и исплаќал пониска пензија по тој основ. Од ислучиво значење е дали има повеќе слични предмети како овој и дали ФПИОМ постапува и правилно го применува законот при пресметка на пензиските основици на останатите пензионери, вели адвокатот Владимир Кацарски, застапник на пензионерката со ускратено право на право на полна старосна пензија.

pravosudstvo-zakoni-jazik-e1392813463351.jpg

Тужителот Смилјана Маневска од Кратово е корисник на старосна пензија како поранешен вработен во А.И. Иднина од Кратово. При заминување од работното место како резултат на структурни, технолошки и други промени, истата е згрижена од страна на Републичкиот завод за вработување Биро за вработување Кратово со право на паричен надоместок почнувајќи од 01.06.1997 година па до настанување на еден од основите за престанок на паричниот надоместок.

„По вака определениот надоместок, на тужителот му биле исплатувани и придонеси од задолжителното социјално осигурување на сметка на ФПИОМ на вкупна месечна плата видно од Пресметката за утврдување пензиска основица. По оваа Пресметка пензиската основица е определена по основ на месечен просек на платите 1970-2004 година на 15.208,49 денари, додека по основ на должина на пензиски стаж изнесува 12.166,79 денари. Според пресметките, износот на пензијата сведен на месечно ниво треба да изнесува 12.405,26 денари. За жал, на корисникот на старосна пензија му се определени месечни средства во износ од само 8.882,00 денари месечно“, вели  за Академик, нејзиниот застапник, адвокатот Владимир Кацарски.

„Во текот на изминативе години, мојот клиент се соочуваше со променлива среќа во својата постапка да докаже дека е во право. Во текот на периодот 2004-2006 година, Второстепената владина комисија го враќала предметот на повторно разгледување и одлучување до Фондот за ПИОМ. Оваа практика се променила по 2006 година, со една битна разлика – од тогаш како коректив на одлуките на управните органи се јавува Управниот суд на РМ. Со своите првостепени решенија ФПИОМ ги занемаруваше донесените одлуки на Управниот суд на РМ. Со оваа практика во изминативе десетина година Фондот се стави над судската власт.  По долгогодишната голгота по надлежните управни органи и Управниот суд на РМ, Првостепениот орган во своето Решение број 67300058566 од 22.11.2013 г. потврдува дека придонесот за ПИО е уплатен на сметка на Фондот. Независно од начинот на пресметка, она што е значајно е дека за осигуреникот – тужител се уплатени соодветни средства и по тој основ ФПИОМ е должен да постапи. Уште повеќе, никаде во ЗПИО не стои дека вишокот уплатени средства ќе бидат задржани од страна на Фондот. Тоа е и спротивно на законот и преставува класична злоупотреба на овластувањата. Уште повеќе, што со ваквото постапување на ФПИОМ Стручна служба – Филијала Пробиштип се врши дискриминација помеѓу корисниците на пензија на кои овој износ им е засметан во нивната пензиска основица и оние другите, на кои овој износ им е намален од страна на соодветната подрачна служба во Фондот. Ваквата состојба е констатирана со Пресуда У-4 бр. 152/2013 на Управниот суд на РМ !“, објаснува адвокатот Кацарски.

 Тој вели дека првостепениот орган постапил спротивно на упатствата и насоките дадени со Пресудата на Управниот суд на РМ и на повтореното Решение од Второстепената владина комисија и со тоа направил повреда на правила од управната постапка и не го признал правото на зголемување на основицата за пензија на барателот односно тужител во постапката.

„Решавајќи по жалбата, второстепениот орган не дава издржано објаснување зошто не ги прифаќа евинденциите од М-8 пријавите како и евиденциите кои самиот ги наведува во текот на 2011 година, каде јасно се гледа дека на осигуреникот му следува поголема пензиска оснвица за пресметка и определување износ на старосна пензија. Образложението наведено во второстепеното Решение дека станува збор за документи кои се издадени без потпис и печат од органот не стојат, од причина што станува збор за стандарден образец за водење службена евиденција при ФЗПИОМ на ниво на Републиката. Ниту едно лице надвор од поставената хиерархија не би можело да ги заобиколи правните процедури и на своја рака да ги смени податоците без знаење на раководителот на Филијалата. Сé ова наведено упатува на можен заклучок дека Стручна служба-Филијала Пробиштип ги има испочитувано препораките на повисоките инстанци, но од друга страна, по секоја цена одбива да ја надомести разликата во утврдените износи со новите пресметки. Од друга страна, ФПИОМ Стручна служба-Филијала Пробиштип доколку сметала дека ваквите уплати биле спортивни на законот имале доволно време да го предупредат работодавецот односно правниот следбеник на работодавецот за сторените неправилности во начинот и висината на уплата на придонесите.  Согласно тоа, а врз основа на правилата за правна сигурност на граѓаните наведени во ЗОУП сметаме дека првостепениот орган постапил спротивно на законот. Осигурениокот во потврдата М-4 извадена на 20.07.2004 година согласно евиденцијата која ја води ФПИОМ имал 32 години 5 месеци и 16 денови работен стаж. Ова е потврдено и со листи издадени од други надлежни државни органи кои водат службени евиденции“, образложува Кацарски.

Според адвокатот, во понатамошното постапување, ниту првостепениот орган, како ни второстепениот орган не ја ценеле правилно пресудата на Управниот суд на РМ У-4 бр. 152/2013, со која се констатира дека „…самиот првостепен орган, односно Подрачната единица од Кратово изготвила нови образци М-8 со нови зголемени износи на податоци на плати кои соодветствуваат со податоците и М-4 образците од Агенцијата за вработување.“

Решавајќи според Законот Управниот суд донел соодветна одлука со која тужбата се уважува и предметот се враќа на повторно разгледување и одлучување.

Адвокатот појаснува дека на 18.02.2015 година примена е пресуда од страна на Управниот суд на РМ со У-4 број 1003/2014 со која се уважува тужбата поднесена од страна на тужителот Смилјана Маневска од Кратово за утврдување право на повисок износ на старосна пензија по основ на пензиско осигурување.

„Имајќи во вид дека од 18.02.2015 година кога е примена од страна на тужителот до ден 25.05.2015 година поминати се повеќе месеци, лицето Смилјана Маневска преку својот полномошник согласно Законот поднесе соодветно барање за постапување на управниот орган во законски определениот рок. Вака поднесеното Барање не било испочитувано од страна на Второстепениот орган. Немајќи одговор ниту во редовниот ниту во дополнително побараниот рок, лицето Смилјана Маневска преку својот полномошник поднесе нова тужба со цел конечно решавање на нејзиниот предмет. Управниот суд на РМ почитувајќи ги и доследно спроведувајќи ги соодветните законски прописи го донесе Решението УИ. БР. 56/2015 од 28.10.2015 година кое е со императивна важност и истото е директно применливо во постапувањето и одлучувањето на ФПИОМ Стручна служба – Филијала Пробиштип. Со ова Решение Судот постапува наместо Второстепениот управен орган и предмето го враќа на Првостепениот орган на дополнително разгледување и одлучување.

Овие наводи, на кои се повикува тужителот во тужбите до Управниот суд на РМ, се поткрепени и со нормативните решенија во меѓународните акти и конвенции кои се ратификувани од страна на Собранието на Република Македонија, и кои, согласно Уставот на РМ, се дел од правниот поредок во нашата држава. При тоа, се поставуваат повеќе прашања. Дали има повеќе слични предмети како овој на Смилјана Маневска? Дали ФПИОМ постапува и правилно го применува законот при пресметка на пензиските основици на останатите пензионери? Дали секој осигуреник ќе ја добие чесно заработена пензија со ваквите постапки на раководителите на Фондот?“, вели адвокатот Кацарски.

Тој додадава дека последното Решение УИ. БР. 56/2015 од 28.10.2015 година донесено од страна на Управниот суд  на РМ, како и Пресудата У-4 број 1003/2014 во копија се лично доставени од негова страна во службените простории на ФПИОМ Стручна служба – Филијала Пробиштип.

„Очекуваме Решение со кое ќе се зголеми пензијата на мојот клиент како и да биде исплатен регрес по основ на разлика од утврдената до исплатената пензија. До денес чекаме на позитивен одговор“, истакнува адвокатот Владимир Кацарски.

Мериторната пресуда за пензијата

Поднесок

Пресуда ( стр.1 и стр. 2) Пресуда (стр. 3 и стр 4)Пресуда (стр. 5 и стр.6)

M.В / veljanoskim@akademik.mk

ПРЕСУДА ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН КОЈ НЕ ПЛАЌАЛ СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Нема правен основ за наплата на сметки за невклучено парно греење