/ Прочитано:

877

Јанева ги доставилa плановите – очекува Советот на јавни обвинители да ги избере предложените обвинители

Петок, 9 октомври 2015 – Специјалната обвинителка, Катица Јанева денеска ги доставила општиот работен, персоналниот и финансовиот план на Специјалното обвинителство до Советот на јавни обвинители, Владата на Република Македонија и Собранието.

„Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, ја известува јавноста дека денес до Советот на јавни обвинители, Владата на Република Македонија и Собранието се доставени општиот работен, персонален и финансов план на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Имено, плановите до Собранието се доставени на известување, додека до Владата и до Советот на јавните обвинители се доставени на имплементација“, информираше Јанева преку соопштение. Јанева, како што посочува, очекува од Советот за јавни обвинители да ги имплементира плановите и да ги избера јавните обвинители предложени од нејзина страна. „По однос на содржината на плановите ја известуваме јавноста дека плановите се направени врз основа на анализа на досега достапните податоци за предметите, очекувањата за прилив на нови предмети, како и реалните потреби за обезбедување на независност и автономност во работењето на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението. Од Советот на обвинители велат дека откако сите членови поединечно ќе ги разгледаат плановите, во текот на наредната недела ќе биде закажана и седница. На списокот на јавни обвинители на Јанев се јавните обвинители Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Бајрам Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јакимовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Љубомир Лапе, Маре Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стефчо Дончев и Трајче Пеливанов. Кандидатите во најголем дел се од Куманово, Тетово и Скопје, освен Стефанова која доаѓа од редот Обвинителството за организиран криминал.