/ Прочитано:

1.373

Јанева најави проширување на истрагата за „Титаник“ и изрази сомнеж во легитимноста на институциите формирани со криминални избори

„Со самите истраги за овие лица и со доказите со кои располагаме, а кои во 80 % го докажуваат обвинението со кое имаме намера да настапиме во иднина, сметаме дека самиот избор на Претседателот на РМ, на Собранието и на уставните судии е доведен во прашање“, вели Јанева како одговор на одлуката на Уставниот суд за прогласување на Законот за помилување за неуставен, со која се овозможи помилување на лица осомничени за изборни нерегуларности.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Специјалното јавно обвинителство сè уште постапува по предметот „Титаник“, за кој, како што најави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, ќе има и проширување на истрагата во која ќе бидат опфатени и други лица.

Токму првиот предмет на СЈО кој се однесува на изборни нерегуларности во изборните години од 2011 до 2013 година, според Јанева, ги проблематизира сите избори направени во овие години.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко  и уште пет лица се опфатени во истрагата за предметот „Титаник“.

„Со самите истраги за овие лица и со доказите со кои располагаме, а кои во 80 % го докажуваат обвинението со кое имаме намера да настапиме во иднина, сметаме дека самиот избор на Претседателот на РМ, на Собранието и на уставните судии е доведен во прашање“, вели Јанева како одговор на одлуката на Уставниот суд за прогласување на Законот за помилување за неуставен, со која се овозможи помилување на лица осомничени за изборни нерегуларности.

Според Јанева, сите овие институции се нелегитимни и треба да го почитуваат Специјалното јавно обвинителство и неговите истраги со цел да биде утврдена  вистината.

Јанева не стравува за судбината на евентуалните обвиненија кои ќе бидат поднесени пред судовите, а во кои ќе бидат опфатени високи владини функционери.

„Тоа ќе биде посебна борба и кога ќе дојде ред, ќе видиме како ќе се одвива. Ние сè уште работиме на предметот и имаме намера да ја прошириме истрагата врз други лица“, потенцира Јанева.

Специјалната јавна обвинителка во рамките на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“, на која гостува и главната обвинителка во Националниот директорат за антикорупција во Република Романија, Лаура Кодрута Ковеси, потенцираше дека сè уште се соочува со големи опструкции од институциите, од обвинителствата и од судовите.

За случајот „Пуч“ Јанева ја повтори состојбата во која се наоѓа СЈО во однос на овој предмет – несоработка со Судот во поглед на доставување на доказите, одлука која е обжалена пред Апелациониот суд и целосно игнорирање од Јавното обвинителство на Република Македонија кое првично го отвори овој предмет.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Во својата реплика што ѝ ја упати на Јанева, јавниот обвинител Марко Зврлевски повтори дека Обвинителството за организиран криминал и корупција кое го водеше предметот „Пуч“ веќе ги има предадено на Судот, како и на Јанева, сите докази и списи при предавањето на сите предмети кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

Јанева и Зврлевски со различни ставови за надлежноста за предметот „Маѓар телеком“

Јанева и Зврлевски пред гостинката од Романија меѓусебно полемизираа и за надлежноста во однос на предметот „Маѓар телеком“. Јанева го бара предметот за да ја утврди надлежноста во однос на него, а Зврлевски го препрати предметот во Советот на јавни обвинители, кој треба да одлучи дали треба да му биде предаден предметот на СЈО.

„Маѓар телеком“ е предмет оформен во 2008 година по допрен глас. По пријава од страна на МВР е отворена истрага при која е направен и контакт со Американското обвинителство и со службите што го следат случајот, а тоа се ФБИ и Комисијата за хартии од вредност. Од 2011 година е поднесено и обвинение кое е на сила“, објаснува Зврлевски за хронологијата на предметот.

„Дејствијата кои се опфатени во овој предмет не можат да застарат бидејќи имаме прекин на застареноста“, уверува Зврлевски.

„За ‘Маѓар телеком’ мојот почитуван колега изостави да каже дека предметот се наоѓа во Советот на јавни обвинители“, реплицираше Јанева.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

СЈО има изготвено претставки до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет поради недоставувањето на предметите и доказите.

„Воопшто немаме соработка со Јавното обвинителство за овој предмет и затоа очекуваме одговор за ова од Советот на јавни обвинители и од Судскиот совет бидејќи сметаме дека овој предмет треба во најбрз рок да ни биде доставен за да извршиме увид и да ја утврдиме надлежноста“, рече Јанева.

Романската обвинителка со совети за успешна работа и за стекнување на довербата во обвинителствата

Додека Јанева и Зврлевски истакнаа дека работат законски и имаат доверба од граѓаните, романската обвинителка Ковеси, без да навлегува во конкретните активности на двете македонски обвинителства, истакна дека кога го презела Обвинителството во 2013 година довербата на граѓаните на Романија била меѓу 35 и 40 %.

„Довербата ја пресметуваме на секои три месеци, а сега таа изнесува 62 %. Таа се пресметува врз основа на различни аспекти, како што се следењето на досиејата на кои работиме и при коректна и професионалната истрага. Доколку имаме добро обвинение, тоа влијае на довербата во обвинителство“, рече Ковеси.

Јас не сум тука да ја оценувам работата на Специјалното јавно обвинителство и на Јавното обвинителство на РМ. Средбите што ги имав беа на професионално ниво, како колеги. Со нив зборував за специфичноста и за фактите кои ги следат овие две институции, додава романската обвинителка.

„Ние, како обвинители, никогаш не се сомневаме дали институцијата ќе соработува или не бидејќи имаме закон според кој треба да се раководиме и да го почитуваме. Додека не бидат променети одредени закони кои се однесуваат на организацијата на одредена институција, ние го применуваме законот што важи во моментот. Најчесто имаме добра соработка, но има и случаи кога имаме проблеми. Има ситуации кога институциите нема да ни ги дадат потребни документи, но имаме и други начини на кои можеме да добиваме одредени документи. Овој дел од законот кој им дава до знаење на институциите дека треба да соработуваат со нас е јасен и тие се свесни дека доколку не соработуваат ќе имаат соодветни реперкусии“, вели Ковеси.

Марија Севриева