/ Прочитано:

1.471

Јанева очекува сите лица повикани на распит во СЈО да одговорат на поканата

Во кус одговор даден вчера, Јанева истакна дека специјалните јавни обвинители ги очекуваат лицата кои добиле покана од СЈО, но поради спреченост не дошле во периодот кога биле повикани.

Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува сите лица кои биле повикани на распит во СЈО неделава да бидат сослушани. Во кус одговор даден вчера, Јанева истакна дека специјалните јавни обвинители ги очекуваат лицата кои добиле покана од СЈО, но поради спреченост не дошле во периодот кога биле повикани.

Јанева не прецизираше кои луѓе се повикани и за кои предмети треба да дадат исказ.

Во текот на вчерашниот ден, на распит во Специјалното јавно обвинителство беа бизнисменот Орце Камчев и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Министерката се задржа во СЈО повеќе од три и пол часа. По завршување на распитот, таа изјави дека била повикана во својство на сведок и му се заблагодари на Специјалното јавно обвинителство бидејќи ѝ овозможило да го истакне законското работење на Министерството.

Канческа-Милевска не прецизираше за кој предмет била сослушана, но не ја исклучи можноста повторно да биде повикана.

Специјалното јавно обвинителство најави интензивирање на работата во втората половина на август. Оттаму наведоа дека лицата кои се повикани ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околностите по повод сите постапки кои се отворени во овој период.

„Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушувани разговори. Поради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, информираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во писмена изјава.

На 15 септември, Специјалното јавно обвинителство треба да го објави извештајот за едногодишната работа. Ова ќе биде втор извештај на СЈО кое, според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да изготвува извештај за работењето на секои шест месеци и да го достави до Советот на јави обвинители и до Собранието.