/ Прочитано:

2.258

Советот на јавни обвинители донесе заклучок за случајот со двете обвинителки

Јанева постапила незаконски при отстранувањето на Ѓоргева и Кадриу од работа

Засега, вели Аневски, Советот донел одлука дека нема да поведат дисциплинска постапка против Јанева, односно за неа треба да поведат дисциплинска постапка републичкиот јавен обвинител и вишиот јавен обвинител, што е регулирано со Законот за јавно обвинителство.

katica janeva 1

Двете обвинителки од Специјалното јавно обвинителство, Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу, биле исфрлени од работа на непристоен, непримерен и неетички начин од страна на Катица Јанева.

Како што информираше претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, по проверка на изјавите на двете обвинителки и на нивната шефица, Советот донел заклучок дека Јанева ги прекршила законските процедури и дека не ги отстранила, туку ги исфрлила од работа обвинителките, што е спротивно на Законот за јавно обвинителство и Законот за работни односи.

„Без да спроведе постапка, без да донесе какво било решение ги отстранила од работните места, поточно на еден брутален начин биле исфрлени од нивната канцеларија, а за тоа на помош повикала и некој од судските полицајци кој интервенирал при иселувањето на двете јавни обвинителки“, рече Аневски.

Тој додава дека од исказите и од дописните поврзани со случајот со двете обвинителки било утврдено дека тие во ниту еден случај не побарале сами да си заминат, како што првично информирала специјалната обвинителка. Двете обвинителки и понатаму се во работен однос во Специјалното јавно обвинителство.

petar-anevski-1.jpg

„Какава ќе биде судбината на двете јавни обвинителки, ќе одлучуваме на некоја наредна седница. Исто така, Советот констатираше дека треба да добиеме точни податоци за тоа со колкав обем на работа располага Специјалното јавно обвинителство за да утврдиме дали се потребни 12 обвинители, колку што има, или бројот треба да биде намален како што тврди Јанева“, додаде Аневски.

Засега, вели Аневски, Советот донел одлука дека нема да поведуваат дисциплинска постапка против Јанева, односно за неа треба да поведат дисциплинска постапка републичкиот јавен обвинител и вишиот јавен обвинител, што е регулирано со Законот за јавно обвинителство.

Покрај за обвинителките, Советот денеска одлучувал и по претставка на судија од Управниот суд кој најпрво се обратил со допис до Судскиот совет на Република Македонија.

„Во претставката е наведено дека јавен обвинител од Специјалното јавно обвинителство во кафеана барал од него да се произнесе зошто била донесена некаква одлука во случај од пред неколку години, кој бил работен во Управниот суд“, појасни Аневски.

katica-janeva-so-timot-druga.jpg

И во овој случај Советот донел заклучок дека било непристојно однесувањето на јавниот обвинител, но во оваа фаза одлучиле претставката да биде испратена до Јанева и таа да преземе мерки против тој обвинител од нејзиниот тим, вели Аневски.

Претседателот на Советот на јавни обвинители вели дека ја почитуваат автономијата во одлучувањето на Јанева, утврдена во законот за Специјалното јавно обвинителство, но се повикуваат и на членот 7 став 3 од Законот, според кој јавниот обвинител ќе биде професионално одговорен за стручните и законските дејствија при неговата работа пред Советот на јавни обвинители.

АНЕВСКИ: Советот може да постапува само по претставки за работата на обвинителите

Советот на јавни обвинители ќе го има последниот збор за отстранувањето на Ѓоргева и Кадриу