/ Прочитано:

1.137

ЈАНКУЛОСКА – Полицијата беше нападната, ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ – Полицијата употреби прекумерна сила

Среда, 6 мај 2015 – Триесет и осум повредени полицајци, од кои шест посериозно, еден повреден цивил, триесет приведени демонстранти, меѓу кои и двајца малолетници, и голема материјална штета е билансот од синоќешните протести пред Владата, информира министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на денешната прес-конференција. Според министерката Јанкулоска, на вчерашните протести полицијата била нападната од страна на, како што рече, насилните демонстранти. Од Хелсиншкиот комитет, пак, велат дека полицијата при истиснувањето на граѓаните употребила несразмерна и прекумерна сила.

ЈАНКУЛОСКА: Граѓаните беа сведоци на насилни демонстрации

„Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на насилни демонстрации кои резултираа со десетици повредени полициски службеници, демолирање возила, палење контејнери и уништување на јавниот имот, со што е предизвикана и голема материјална штета. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на брутални напади со бекатон-плочи, со метални шипки и со камења. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на најсрамниот чин на симнување и кинење на знамето на Република Македонија од јарболите од страна на дел од демонстрантите на кои им пречат државните обележја“, рече Јанкуловска.

Од МВР велат дека до овој момент едно цивилно лице се пријавило со повреди во ГОБ „8-ми Септември“ кое изјавило дека е физички нападнато пред Владата на РМ.

Министерката истакна дека собирот почнал мирно во 18.10 часот кога имало само 50 граѓани, на кои набргу, како што рече, организирано им се придружиле други граѓани.

 „Во еден момент неколку лица, од кои повеќето девојки, се прекачија преку поставената заштитна ограда пред објектот со намера да влезат во Владата. Следејќи го нивниот пример, голем дел од насобраните граѓани кои се наоѓаа зад оградите масовно почнаа да се прекачуваат, доближувајќи се на десетина метри од влезната врата на Владата, каде што беа спречени да влезат“, истакна Јанкуловска.

МВР: Групата граѓани кои се наоѓале на скалите иницираа повеќе насилни инциденти

Според МВР, во времето од 18.30 до 19.30 часот групата граѓани кои се наоѓале на скалите иницирале повеќе насилни инциденти и го нарушиле јавниот ред и мир.

„Во неколку наврати со бекатон-плочи, камења, шишиња, јајца, домати и други предмети е фрлано кон кордонот од униформирани полициски службеници, како и кон објектот на Владата на РМ, а симнати се и државните знамиња од јарболите“, рече Јанкуловска.

Како што посочи министерката, од страна на одговорен старешина дадена е усна наредба кон собраната маса мирно да се разотидат и да не го нарушуваат јавниот ред и мир, но наредбата, како што рече, не е испочитувана и масата повторно почнала со фрлање предмети.

„По ова од страна на униформирани полициски службеници е пристапено кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот ЈРМ, при што масата е насочувана по бул. „Св.Климент Охридски“ кон Соборниотхрам, бул. „Партизански одреди“ и бул. „Илинден“ во правец кон фонтана во Градскиот парк. Бидејќи од страна на организаторот не се преземени потребните мерки за безбедно одржување на собирот, во согласност со членот 82 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, преземени се мерки и активности за пронаоѓање и приведување на учесниците во нередите. При потиснувањето на масата на неколку локации на бул. „Илинден“ и бул. „Партизански одреди“, од страна на масата се превртени и се запалени десетина контејнери за смет, а при преземањето на мерките од страна на полицијата повредени се повеќе УПС, оштетени се службени возила и приведени се лица“, рече Јанкулоска.

Оштетени се седум службени возила

Според Јанкулоска, оштетени се седум службени возила, а од полициската опрема оштетени се 22 штита, 5 шлемови, еден елек, штитник за нога и една радиоврска.

„Освен тоа нанесена е штета на фасадата на Владата на Република Македонија, но демолирани се и стаклата на еден приватен медиум, објектот на Радио Слободна Македонија“, додаде таа.

Приведените малолетниците, како што наведе министерката, се ослободени по извршен разговор околу 3.00 часот, додека останатите се задржани до завршување на постапката.

ОЈО извршило службени разговори 

„Единица за насилен криминал, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, изврши службени разговори со приведените лица и од досега прегледаните видеозаписи утврдено е учество, односно идентификувани се 12 лица кои учествувале во вандалските напади врз полицијата“, информира Јанкуловска.

Таа нема информација дали во нередите е повредена мајката на Мартин Нешковски, а досега во МВР тоа не е пријавено. Јанкулоска истакна и дека сè уште не се прегледани и сите снимки од безбедносните камери. СВР Скопје, како што рече,  продолжува со преземање мерки и активности со цел идентификување и утврдување на други лица инволвирани во настаните.

Јанкуловска и на денешната прес-конференција уште еднаш повтори дека полицијата максимално брзо го расветлила убиството на Мартин Нешкоски и дека не биле најдени докази за одговорност за претпоставените на убиецот, полицискиот службеник Игор Спасов, припадник на специјалната единица „Тигри“.

„Акцијата во Библиотеката е легитимна“

Јанкулоска потенцираше дека вчера полицијата не применила прекумерна сила, а за синоќешниот упад во библиотеката „Браќа Миладиновци“ вели дека полицајците не упаднале, туку барале неколку насилници кои бегале.

„Во тој објект е пронајдено и приведено едно лице. Акцијата во читалната во библиотеката е легитимна“, истакна Јанкулоска.

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Полицијата при истиснувањето на граѓаните употреби несразмерна и прекумерна сила

Во врска со вчерашните настани, денеска со соопштение излезе и Хелсиншкиот комитет од каде што велат дека биле присутни со свои претставници на вчерашниот граѓански протест пред Владата на Република Македонија. Според Комитетот, полицијата при истиснувањето на граѓаните употребила несразмерна и прекумерна сила.

„Полициските службеници не ја ограничија употребата на сила само на оние граѓани што беа агресивни кон нив, туку неселективно ги удираа и ги газеа сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце. Потоа полицијата пристапи кон приведување на учесниците во протестот. При приведувањето, полицијата повторно примени неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните веќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови. Ова го потврдува и фактот што во 23.30 часот полициските службеници насилно влегоа во повеќе објекти, меѓу кои и библиотеката „Браќа Миладиновци“ и повторно применија несразмерна и прекумерна сила кон сите млади кои беа присутни во библиотеката под изговор дека дел од нив наводно биле учесници во протестот“, велат од Комитетот.

Според информациите со кои располага Комитетот, во вчерашните инциденти биле приведени повеќе од четириесет лица, од кои најголемиот дел сè уште се задржани во повеќе полициски станици во Скопје. Хелсиншкиот комитет најостро ја осудува прекумерната употреба на сила од страна на полицијата и агресивното однесување на дел од учесниците на протестот и ја повикува полицијата целосно да го почитува правото на граѓаните на јавен собир и изразување на мислење, а граѓаните да го практикуваат своето право на мирен и ненасилен начин.

(ФОТО) НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР: Протести и судири пред Владата