/ Прочитано:

833

ЈАНКУЛОСКА: Се утврдува типот на оружјето од кое е пукано кон Влада и се бараат сторителите

Среда, 29 октомври 2014 – Полицијата ги утврдува типот на оружјето од кое синоќа беа испукани два проектили во зградата на Владата, правецот од каде дошле, мотивите и евентуалните сторители, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Самиот процес на увидот понекогаш трае прилично долго и во конкретниот случај со оглед на сериозноста со која е пристапено во функција на пронаоѓање на сите можни траги и евентуални докази увидот траеше повеќе часа. Во моментот го имаме остатокот од проектилот што дава информација за неговиот калибар, а оружјето од кое е испукан таков проектил може да биде различно оружје, но ние треба да утврдиме точно од каков тип оружје е испукан овој проектил“, изјави Јанкулоска.

На новинарско прашање дали кога се испукани проектилите се одржувала владина седница, министерката Јанкулоска нагласи дека во однос на активностите во зградата на Владата таа не може и не смее да даде информации, а за тие прашања ги упати новинарите да се обратат на соодветната адреса.

Синоќа околу 22 часот биле испукани два проектила кон зградата на Владата. Едниот од нив завршил на источната страна на зградата, а другиот на покривот, при што се слушнале две детонации. 

Ваков инцидент се случи и пред седум години, кога две гранати беа испукани кон Владата, но паднале пред јапонскиот конзулат. Едната експлодирала кога удрила во бетонски ѕид, другата уште подалеку од Владата, зад конзулатот, во гранките на едно дрво.  Тогашниот владин портпарол, Ивица Боцевски нападот го оквалификува како терористички напад, а целта била Владата. Овој напад се’ уште не е расчистен.