/ Прочитано:

3.475

ЈАВЕН ДОЛГ: Дефиниции, реакции и „дијагнози“

Остри критики за новите уставни измени и променетата дефиниција и методологија за јавен долг, искажа дел од експертската јавност на дебата посветена за оваа проблематика. Од Министерството за финансии пак уверуваат дека методологијата е се користи во европските земји и дека истата ја користи и ММФ.

Имено, според новите измени, со новата законска дефиниција за јавен се стеснува опфатот на субјети чии долгови во иднина ќе се пресметуваат како јавен долг. Собранието по скратена постапка ги прифати законските измени предложени од Владата, па така во иднина долговите на НБРМ, на општините, на јавните претпријатија и на трговските друштва во сопственост на државата или општините, за кои државата не дала гаранција, нема да влегуваат во пресметките за висината на јавниот долг.Со Уставните измени се предвидува ограничување на јавниот долг до 60 отсто од бруто-домашниот производ и на дефицитот до 3 отсто. Покрај тоа, со закон се исклучија долговите на Народната банка, кредитите на државните фирми за кои нема гаранција и дел од долговите на Македонската банка за подршка на развојот.

Според последните официјални податоци, јавниот долг на Централната Влада до крајот на јули изнесувал 3 милијарди 303 милиони евра или 40.8% од БДП. Со предложените уставни измени нивото на вкупниот јавен долг треба да се ограничи на 60% од БДП.
Владините проценки говорат дека долгот на НБРМ се исклучува од вкупниот долг бидејќи се забележа дека податоците користени само за статистички цели, создаваат конфузија при определување на долгот и дека новиот начин на пресметка на јавниот долг ќе даде појасна слика дали економијата се движи во добра насока, стојалиште кое го искажуваат и пратениците од владејачкото мнозинство, според кои, со тоа ќе се сопреле шпекулациите дека „сме биле многу задолжена земја“.

„Со новиот начин на пресметување на јавниот долг тој нема да биде споредлив со јавните долгови на другите земји кои се водат според дефиницијата на ММФ и на Светската банка. Тоа е тешка патологија, тешко насилство“, оценува екс гувернерот Петар Гошев, додавајќи дека границата од 60 проценти од бруто домашниот производ, никогаш не е објаснета од стручно теоретска точка.

Тој смета дека беспредметно е да се говори за ниво на јавен долг ако нема одговори на некои други важни прашања.

„Со колкаво јавно богатство располага Македонија? Колкав е износот на приватното богатство во однос на националниот доход. Каква е меѓународната инвестициона позиција на државата? Колкави побарувања по разни основи има од странство во вид на акции, депозити, хартии од вредност, директни инвестиции? И колкава е активата на остатокот од светот во Македонија? Во 2006 година сме биле во минус 37 отсто од БДП. Овој концепт на распродажба, концесии отстапки, триста чуда, ја прави Македонија се повеќе поседувана земја од странство. Овие луѓе не разбираат што е глобализација. Ако сте оцениле дека ризично ниво е 60 проценти – каде ќе се обратите и што ќе направите?“, прашува тој.

Новите законски измени ги критикива и академикот Абдулменаф Беџети. Тој смета дека промената на методологијата како ќе се пресметува јавниот долг, нема да влијае врз реалната пресметка колку земјата е задолжена.

„Сепак, тоа е методолошка пресметка, реалната пресметка е нешто друго. И ако Владата е основач или општината е основач на едно јавно претпријатие и сите тие долгови се и на општината, односно на Владата, така да вие не може нив да ги заобиколите. Може статистички да ги заобиколите, но реално не“ вели Абдулменаф Беџети.
„Според новата методологија на пресметка на јавниот долг, се планира дека до тој период 2017 – та година, ние ќе го достигнеме плафонот. Какви ќе бидат економските циклузи следната година во ваков надворешен неизвесен макроекономски амбиент? Што ако нам ни се потребни поекспазивни фискални политики и зошто ни се вакви формални граници, кога веќе постојат според договорот од Мастрихт“, прашува академикот.
„Се предлага да се скрати опфатот на субјектите и видовите на долг кој ќе се дефинира како јавен долг. Така, долговите на општините, на јавните претпријатија и претпријатијата во целосна или доминантна сопственост на државата и општините, а за кои државата не дала гаранција, нема да се сметаат како јавен долг. Најпросто речено тоа би значело дека земените кредити или задолжување на овие субјекти за кои државата не дала хипотека во вид на гаранција нема да се сметаат како јавен долг. А што ќе бидат кога тие субјекти се сопственост на државата? Кој ќе ги враќа кредитите при евентуалната нивна несолвентост? Долгот на јавните претпријатија во сопственост на државата може да се тргне од вкупниот долг, но само на хартија, а во суштина тоа е долг на државата“, смета економскиот аналитичар Слободан Најдовски.
„Актуелната власт колку и да сака со измени во Законот за јавен долг, нема да го смени фактот дека државата ја задолжија со 4,2 милијарди евра. По скратена постапка и без дебата во јавноста вчера, експресно, пратениците од власта во Собранието изгласаа измени со кои од вкупниот долг на државата ги тргнаа долговите на јавните претпријатија основани од државата, долговите од општините и Град Скопје, долговите на трговските друштва во сопственост на државата и општинските власти“, вели потпретседателот на СДСМ и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ванчо Узунов.

Од Министерството за финансии пак, уверуваат дека новата методологија се применува и во европските земји, посочувајќи дека Законот за јавен долг е дури и построг, компаративно анализиран.

“Измените на Законот за јавен долг се во насока на усогласување на методологијата со онаа која се користи во европските земји и која ја користи ММФ. За нијанса, Законот за јавен долг кај нас е дури построг во однос на оние кои се практикуваат во Европа, оти во него ние го калкулираме долгот и на државните претпријатија кои се пазарно ориентирани (како “Електрани на Македонија”, МЕПСО и МБПР, на пример), што не е случај со европските земји, односно тие го изоставуваат”, велат од Министерството, заклучувајќи дека Македонија и со таа методологија во споредба со европските земји е меѓу најниско задолжените земји.
„Тоа е факт кој секој може да го провери согласно податоците кои се достапни на домашната статистика и европската статистика Евростат“, нагласуваат од Финансии.