/ Прочитано:

1.585

Јавна дискусија за новите предложени законски решенија за судовите и за Судскиот совет

Здружението на судии на Република Македонија и Министерството за правда на Република Македонија денеска организираа јавна дискусија по предложените измени на законските решенија за Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, истакна дека денешната јавна дискусија е во насока на разменување идеи за квалитетни законски предлози како дел од реформите во правосудството, за кои Здружението на судии има континуиран инклузивен пристап преку организирање серија настани и креирање предлози за подобрувањето на состојбите во судството, како од легислативен така и од практичен аспект.

„За тоа најдобро говори фактот што заклучоците од јавните и стручни расправи беа инкорпорирани во Стратегијата за реформите на правосудството, а во таа насока најважно е што процесот и понатаму е инклузивен и што Здружението активно учествува во него“, нагласи судијата Саити.

Министерот за правда, Билен Саљији поздравувајќи ги заложбите на Здружението, истакна дека судиите треба да бидат отворени во своите дискусии и да ги посочат клучните проблеми со кои се соочуваат, а кои мора да бидат земени предвид при подготовката на решенијата, кои исто така треба да бидат засновани и на мислењата на стручната јавност.

За клучните теми во врска со предложените законски решенија треба да се дискутира во насока на прашањата за тоа каков Судски совет ѝ е потребен на Македонија и што треба да се стори во поглед на оценувањето и унапредувањето на судиите.

Валентина Шаурек, државен советник во Министерството за правда, образложи дека измената на Законот за судовите  и на Законот за Судскиот совет произлегува од потребата за реформа во судството, зацртана во Стратегијата за реформи на правосудството, и усогласување на забелешките на Венецијанската комисија.

Со измените што се предлагаат се зајакнуваат квалитативните критериуми за оценувањето на судиите и претседателите на судовите и се отстранува двојноста на основите за разрешување на судиите, премногу долга листа на околности кои може да доведат до дисциплинско казнување, недвосмислено утврдување вина на судијата како основа за негова одговорност.

Според академикот Владо Камбовски, нужно е да има реафирмирање на централната улога на судството, кое долги години се соочувало со партизирана држава, која, како што рече, преку извршната власт пуштила „пипци“ и во правосудството.

Важни прашања се и, додаде академикот, прашањата за спроведувањето на судските одлуки, улогата на Врховниот суд, односот на судиите кон практиката на Европскиот суд за човековите права и финансиската независност на судството. Секој е должен, подвлече Камбовски, да ја почитува судската одлука и тоа секако се однесува и на управните органи, кои не секогаш постапуваат по овие одлуки. Во однос на прашањето за Врховниот суд, академикот истакна дека Врховниот суд мора да биде врвот на правосудството и се поставува дилемата колку е тоа така ако неговата отчетност ја цени Судскиот совет, што укажува на тоа дека Врховниот суд е „под капата на Судскиот совет“.

Во таа насока, Камбовски го нагласи значењето на Врховниот суд во воедначувањето на судската пракса, а го нагласи и значењето на правните мислења и ставови, особено и во поглед на работата на пониските судови и судиите од тие судови, кои пак, и покрај тоа што треба да се раководат по насоките на Врховниот суд, мора да се водат и од судската пракса на ЕСЧП.

Судијката Маргарита Цаца Николовска нагласи дека во Македонија не е проблем само извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, туку и нивната примена. Таа обврска, додаде Маргарита Цаца Николовска, постои со Протоколот 16 од Европската конвенција за заштита на човековите права и судиите не смеат да си дозволат да не ја применуваат бидејќи тоа повлекува реперкусии од аспект на Судот во Стразбур.

Маргарита Цаца Николовска посочи дека реформите на Судскиот совет  треба да се движат кон негова депрофесионализација. Поконкретно за депрофесионализацијата зборуваше професорката Ана Павловска-Данева, која потенцираше дека во Стратегијата е констатирана потребата од промена на условите и критериумите за избор на членовите на Судскиот совет со цел да се прецизира поимот „истакнат правник“, да се предвиди учество на претседателот на Врховниот суд во работењето на Судскиот совет без право на глас, аналогно на учеството на министерот за правда.

Исто така, заради оневозможување на прекин на врската помеѓу членот на Судскиот совет од редот на судиите и „судската фела“, потребно е за членовите на Судски совет од редот на судиите да се предвиди законски основ да продолжат да ја вршат својата примарна функција, односно да продолжат да судат, но со намален обем на работа (депрофесионализација на Судскиот совет).

Професорот пак, Никола Тупанчески, нагласи дека не треба да се прават грешките од минатото и дека кога се прават значајни реформи во правосудството, тоа мора да се прави на транспарентен начин.

Судијата Владимир Туфегџиќ подвлече дека реформите се потребни особено во делот на оценувањето и унапредувањето на судиите бидејќи поради тоа прашање во минатото ескалира незадоволството кај судската фела. Со измените, нагласи судијата, мора да се почне веднаш.

Членот на Судскиот совет Владе Богданоски посочи дека треба да се има дебати за реформите, но, како што рече, тие мора да бидат осмислени.  Во таа насока, Богданоски истакна дека можеби е добро да се елаборира прашањето за депрофесионализација на Судскиот совет, за кој рече дека едно од решенијата би можело да биде во него да членуваат судии со искуство. Ваквиот совет, рече тој, би функционирал налик на она што се нарекува „Совет на мудреци“, со оглед на искуството на неговите членови.

М.В