/ Прочитано:

2.410

ЈАВНА КОНСУЛТАЦИЈА НА „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Во морето од измени на Законот за високото образование може да се „удават“ и правниците

Денеска на Правниот факлтет „Јустинијан Први“, Младинскиот образовен форум организираше четврта јавна консултација за ново студентско организирање. Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум истакна дека консултациите ги организираат зашто е неопходна промена на моделот на студентско организирање, а за таа цел сакаат да го слушнат  мислењето на студентите.

„Токму затоа се овие јавни консултации на универзитетите во Македонија, каде што дојдовме до низа препораки кои ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука на 30 ноември“, образложи Илиевска. Таа посочи дека од досегашните консултации, констатирано е дека студентите имаат потреба од функционално тело, кое ќе работи во насока на застапување на нивните интереси. Студентите, рече Илиевска, имаат потреба од функционално тело кое ќе биде изградено врз демократски вредности, кое ќе биде транспарентно и отчетно.

„Единствен начин за решавање на проблемот со студентското организирање е логично заокружување на поимот академска заедница, која е составена од професорите и студентите. Тоа значи интегрирање на студентското претставничко тело во рамки на внатрешната организација на универзитетите и факултетите респективно, како посебно тело со функционална и финансиска независност. Ваквото решение, во кое круцијална промена е статусот на студентската организација, конечно ќе овозможи вистинско ползување на студентите на своето право на претставување и учество во управувањето на универзитетот и факултетите преку свои легитимни претставници“,  истакна Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум.

„Во морето од измени може да се ’удават‘ и правниците, а да не зборуваме за лаиците во правото. Прашањето за студентското организирање треба да биде посеопфатно регулирано во Законот за високото образование. Во спротивно, ќе имаме ситуација каква што имаме денес – нефункционални, нетранспарентни, нелегитимни и елитистички претставнички тела на студентите“, истакна Тамара Велковска од студентската организација ЕЛСА, во контекст на фактот на кој посочи дека актуелниот Закон за високото образование од 2008 година до денес има претрпено 23 измени.

М.В