/ Прочитано:

1.474

Јавна расправа за Предлог нацрт на Стратегија за интеграција на бегалци и странци и Национален акциски план за интеграција на бегалци

Денеска во собраниската комисија за труд и социјална политика ќе биде разгледувана Нацрт стратегијата за интеграција на бегалци и странци и Националниот акциски план за интеграција на бегалци.

Министерството за труд и социјална политика ја изработи првата нацрт-верзија на новата стратегија за интеграција на бегалци и странци и предлог за нацрт на национален акциски план за период од 10 години, односно за период од 2017 до 2027 година.

Во стратегијата се вели дека глобалниот број на бегалци и внатрешно раселени лица го достигна рекордното ниво од 65 милиони лица во 2016 година. Повеќе од половина од нив доаѓаат од само три земји – Сирија, Авганистан и Сомалија.

Разместувањето голем дел од населението од Сирија и од другите конфликтни зони е пред сè хуманитарна катастрофа со крупни последици за многу земји во Блискиот Исток, Европа и пошироко.

„Половина од сите бегалци во 2015 година биле деца. Како резултат на овие бeгалски и мигрантски кризи во 2015 година, само во Европа пристигнаа повеќе од еден милион бегалци, додека соседните земји, како што се Турција и Либан, остануваат најзасегнати.

Поради својата географска поставеност, Република Македонија не е имуна на овој масовен прилив на бегалци во Европа, а како транзитна земја на западнобалканската рута, во неа се регистрирани речиси 400.000 лица на пат кон земјите од Западна Европа како нивна посакувана дестинација. Во октомври 2016 година, во Македонија се регистрирани над 10.000 бегалци во само еден ден“, се вели во документот.

Оваа стратегија, истакнуваат од Министерството за труд и социјална политика, ќе се надгради врз успесите и недостатоците во постигнувањето одржлива интеграција, преку анализи на мерките спроведени во периодот 2008-2017 година, за да се обезбедат препораки за стратегијата и акцискиот план што треба да се спроведе во текот на следните 10 години.

Обезбедување одржливи институционални решенија за главните носители на мерките за интеграција и развивање иновативни решенија, со цел оптимизација на ресурси во спроведувањето на соодветни мерки, формализирање на системот за имплементација, известување, мониторинг и евалуација на мерките за интеграција и воведување политики и модели кои дозволуваат единиците на локалната самоуправа да ја преземат сопственоста врз процесот на локална интеграција, се дел од препораките во националната стратегија содржани и во акцискиот план.

M.В