/ Прочитано:

1.871

ЈАВНА СЕДНИЦА: Предмет стар 16 години, по пресудата на ЕСЧП, повторно на судење пред Врховниот суд

ЕСЧП, пак, како што истакна Вангеловски, во својата пресуда наведува дека Врховниот суд направил повреда на принципот на еднаквост на оружјата – секоја страна да има сознанија за да може да ги коментира доказите, бидејќи на претресот за предметот по жалбата не го повикал обвинетиот. Покрај тоа, направена била и повреда на правата во поглед на должината на постапката.

Јавна седница на Врховниот суд за предметот „Ефтимов против Република Македонија“

Случајот од 1997 за третирање пациент во струмичката болница, за кој беше поведено обвинение во 2000 г. против докторот хирург Епаминонда Ефтимов за сторено кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето, денеска повторно влезе во македонските судови откако Европскиот суд за човекови права донел пресуда дека во случајот „Ефтимов против Македонија“ постои повреда на правата во поглед на должината на постапките и во поглед на недостиг на еднаквост на оружјата во постапките пред Врховниот суд.

Ефтимов преку својот бранител до Основниот суд Струмица, каде што се водела првостепената постапка, поднел барање за повторување на постапката по пресудата на ЕСЧП, но бидејќи пресудата на Стразбур се однесува на повреди сторени во постапката која се водела пред Врховниот суд, предметот го препратил во највисокиот суд во земјава.

На денешната јавна седница со која претседаваше судијата Јово Вангеловски, кој е и известител за предметот, Советот од петмина судии донесе одлука да се прифати жалбата на обвинетиот и да биде повторено судењето пред Врховниот суд.

Пред да биде донесена одлуката, судијата Вангеловски ја презентираше историјата на предметот кој шеснаесет години се водел пред македонските судови. Притоа, Основниот суд Струмица во текот на годините донел три ослободителни пресуди во кои не нашол дека обвинетиот го сторил кривичното дело со намера, односно дека немало загрозување на здравјето на пациентот со отворена фрактура на раката која, откако била санирана, била ставена во гипс, што предизвикало други компликации кои довеле до ампутирање на раката на пациентот.

Апелациониот суд, кој, исто така, три пати ја укинувал пресудата, по сопствено убедување, на седница во присуство на двете страни, го преквалификувал обвинението и делото го одбил како застарено. Тој нашол дека, и покрај неговите инструкции дадени во претходните одлуки за повторно одлучување, степенот на вина на жалителот не бил точно утврден во постапките пред судечкиот суд. Апелациониот суд заклучил дека постапувањето на жалителот повеќе било небрежно отколку со намера, па според тоа кривичното обвинение застарело.

1 javna sednica vrhoven

По ова, Обвинителството поднело барање за заштита на законитоста пред Врховниот суд . Во последната пресуда, од март 2008 година, Врховниот суд  го преквалификувал делото за кое пресудил дека е сторено со намера бидејќи лекарот бил хирург и бил свесен дека со своето постапување може да предизвика друга последица. Врховниот суд го осудил Ефтимов на една година казна затвор.

ЕСЧП, пак, како што истакна Вангеловски, во својата пресуда наведува дека Врховниот суд направил повреда на принципот на еднаквост на оружјата – секоја страна да има сознанија за да може да ги коментира доказите, бидејќи на претресот за предметот по жалбата не го повикал обвинетиот. Покрај тоа, направена била и повреда на правата во поглед на должината на постапката.

Обвинителот Неџат Елези, кој сега го води случајот, побара од Врховниот суд дополнително време за да даде одговор на жалбата на одбраната за повторување на постапката, но истакна дека смета оти предметот е застарен и единствено што треба да направи во овој случај Врховниот суд е да констатира дека не може да постапува по предметот.

Одбраната на хирургот, пак, смета дека не постои застареност на делото бидејќи последната пресуда е од 2008 година. Дополнително, тие наведуваат дека пресудата на Врховниот суд е незаконска бидејќи првостепениот суд носел ослободителна пресуда базирана на вештачење од кое, како што велат, недвосмислено се покажало дека не постои намера во постапувањето на хирургот при третирањето на пациентот.

Вангеловски потенцираше дека недвосмислено од пресудата на ЕСЧП се упатува да се повтори постапката пред Врховниот суд. Тој истакна дека јавната седница се одржува во време на штрајк на судската администрација, но бидејќи предметот се третира како итен поради пресудата од ЕСЧП, тој бил закажан и за време на штрајк со цел дополнително да не се повредува правото за судење во разумен рок.

Претседателот на Советот го задолжи Обвинителството во рок од 15 дена да достави одговор на жалбата на одбраната.

Во Врховниот суд, покрај петтемина членови на Советот, јавниот обвинител и обвинетиот со својата одбрана, присуствуваа и студенти од Правниот факултет кои ја следеа седницата отворена за јавноста.

М. С.

ПРЕСУДА НА ЕСЧП ЗА НЕФЕР СУДЕЊЕ ПРЕД ВРХОВНИОТ СУД: Струмички хирург немал фер сослушување – јавниот обвинител имал привилегиран третман како странка