/ Прочитано:

1.192

Јавните набавки на локално ниво: Проценетата вредност на набавките – жежок костен за договорните органи

Четврток, 19 март 2015 – Долгоочекуваната и, за фирмите, посакувана новина во јавните набавки – задолжителното објавување на проценетата вредност на набавките, се чини дека за договорните органи е сè уште жежок костен во рацете со којшто, голем дел од нив, не знаат како да се справуваат, велат од Центарот за граѓански комуникации, кој ги објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот од април до септември 2014 година.

Проценетата вредност на набавките – сè уште жежок костен

„Долгоочекуваната и, за фирмите, посакувана новина во јавните набавки – задолжителното објавување на проценетата вредност на набавките, се чини дека за договорните органи е сè уште жежок костен во рацете со којшто, голем дел од нив, не знаат како да се справуваат. Имено, бројни се примерите на тендери во кои настанале одредени проблеми при спроведувањето, а причините за тоа да водат до проценетата вредност на набавката“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Според Извештајот на ЦГК, серијата измени во регулативата на јавните набавки, барем во првите месеци од примената, не влијаеле врз зголемување на конкуренцијата кај тендерите на локално ниво. Просечно, на мониторираните тендери, имало  по 2,7 понудувачи, а 38% од тендерите биле со една или со ниту една понуда.

Поништувањето на тендерите на локално ниво повторно е во пораст 

„По повеќе од двегодишно стабилизирање на околу 15%, поништувањето на тендерите на локално ниво повторно е во пораст и изнесува 20%. За разлика од порано, кога главна причина за поништувањето беше немањето понуди, сега главна причина се неповолните цени“, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Се зголемува времетраењето на тендерите

Според анализираните податоци и мониторингот, просечното времетраење на постапките за јавни набавки од мониторираниот примерок – од објавување на огласот до склучување на договорот – изнесува 33 дена, што е мало подобрување во однос на претходниот период. Но, се зголемува времетраењето на тендерите воопшто – од донесувањето на одлуката да се набави нешто до склучувањето на договорот.

Противзаконски детално специфициран предмет на набавка што упатува на конкретен производ

„Во некои набавки, предметот на набавка е толку детално специфициран што упатува на конкретен производ, иако е тоа законски забрането и ограничено и постојано се укажува дека е лоша практика која фаворизира одредени понудувачи“, нагласуваат од ЦГК.

Извештај за вкупните трошења за јавни набавки на сите општини 

Центарот за граѓански комуникации ги објави и резултатите од истражувањето спроведено во рамките на редовниот мониторинг на јавните набавки на институциите на локално ниво, кое се однесува на вкупните трошења за јавни набавки на сите општини во Република Македонија во 2013 година. Истражувањето ги покажало следните клучни наоди:

-80-те општини во земјава, без Град Скопје, вкупно во 2013 година преку јавни набавки потрошиле 6,2 милијарди денари, односно 101,3 милиони евра.

Општина Аеродром потрошила 10,2 милиони евра

-Најмногу пари за јавни набавки во 2013 година потрошила Општина Аеродром, и тоа околу 628 милиони денари, односно 10,2 милиони евра, додека, пак, најмалку Општина Центар Жупа, чијашто годишна вредност на јавните набавки е 1,1 милион денари, односно 19 илјади евра.

-Во 2013 година е регистриран пад на јавните набавки на општините во однос на претходната година за 38 милиони евра, односно за 27%.

-Општините во 2013 година трошеле за јавни набавки од 2 до 276 евра по жител. Гледано по жител, општинските разлики во 2013 година се поблаги во однос на 2012 година, кога се движеа од 2 до 412 евра.

Општина Центар го загубила приматот 

-Општина Центар го загуби приматот од претходната година, кога беше апсолутен победник и во вкупната вредност на јавните набавки и во рангирањето на трошоците за јавни набавки по жител.

-Уделот на јавните набавки во буџетите на општините во 2013 година се движи од 1,8% до 77,7%. Констатираните разлики и во однос на овој параметар повторно упатуваат на голема несразмерност во општините.

-Исклучително мали суми на јавни набавки по жител, но и како удел во буџетите, трошат и две големи општини, Тетово (8 евра по жител) и Куманово (7 евра по жител).

M.В / veljanoskim@akademik.mk