/ Прочитано:

2.028

Јавните набавки низ призмата на Законот за спречување на корупцијата – разговор со д-р Златко Алексов и д-р Игор Тантуровски

Во разговор за Академик.мк тие зборуваат за улогата на Советот за јавни набавки во спроведувањето на јавните набавки, но и за активностите за спречување на корупцијата во јавните набавки кои ги спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата.

Златко Алексов, член на Совет за јавни набавки

Соодветното комплетирање на тендерската документација со цел добивање согласност од Советот за јавни набавки, најчестите причини поради кои Советот за јавни набавки ги одбива поднесените барања, вообичаени грешки при спроведувањето на електронскиот систем за јавни набавки, како и импликациите врз јавните набавки при донесување на привремена мерка за суспендирање на изборниот процес, како и организирање и спроведување на јавните набавки во предизборниот период се дел од темите за кои ќе стане збор на обуката организирана од Академик, на која како предавачи ќе се јават д-р Златко Алексов, член на Советот за јавни набавки и д-р Игор Тантуровски како специјален гостин.

Во разговор за Академик.мк тие зборуваат за улогата на Советот за јавни набавки во спроведувањето на јавните набавки, но и за активностите за спречување на корупцијата во јавните набавки кои ги спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата.

Советот за јавни набавки во периодот од неговото постоење како самостоен орган придонесе за подобрување на квалитетот на јавните набавки од кои полза имаат и договорните органи и економските оператори. Ова го вели Златко Алексов, член на Советот, според кого се постигнала хармонија во деловното работење со државните пари.

„Од работата на Советот корист имаат и договорните органи и економските оператори. Договорните органи – од аспект на тоа да се обезбедат со материјални добра, услуги и работи за подобра цена, со зголемен квалитет, со целисходност во постапката која претходно, можеби, поради одредени аномалии не била завршувана докрај, како и крајната цел и причината за постоењето на Советот е и користа за економските оператори. Во услови на мал пазар, сметам дека сега може да учествуваат во овој дел на наменска распределба на државните средства речиси сите економски оператори, дури и оние кои немале никаков контакт и пристап до средствата со договорните органи, односно сега повеќе се отворени можностите и либерализирани се критериумите, сè во насока да се создадат услови за конкуренција, за симнување на цената, а пред сè за зголемување и за подобрување на квалитетот на обезбедените набавки“, вели Алексов.

Златко Алексов, член на Совет за јавни набавки

Алексов наведува дека во изминатиов период преку работата на Советот се постигнало намалување на грешките кои се јавуваат при спроведувањето на јавните набавки, особено во делот на запазување на најважниот критериум – конкуренцијата.

„На прв поглед, според одредени анализи, иако некои велат дека не е ништо придонесено за зголемување на конкуренцијата, ние не се согласуваме бидејќи сметаме дека сега е поголемо расположението на економските оператори, на тендерите учествуваат фирми понудувачи кои претходно немале можност да учествуваат бидејќи критериумите не биле толку отворени и верувам дека во најкус можен рок ќе дојде уште повеќе до зголемување на конкуренцијата што претставува придобивка за државните институции, односно обезбедување на најдобра работа за потрошените пари.  Во одредени области во кои не постоела конкуренцијата, сега е зголемена со тоа што веќе на пазарот не се едните исти понудувачи кои биле подолго време, намерно или ненамерно“, смета Алексов.

Грешките што се јавувале досега се од најразличен вид: од формално -правен аспект пропусти направени во процедурата, неуредно доставено барање, недозволено поднесено барање по правна основа.

„На барање на договорните органи Советот предложи и законски измени, коишто беа прифатени, за постапки до 20 илјади евра секогаш да се добива согласност по второто поднесено барање, а постапките над 20 илјади евра по третото поднесено барање, но со конкретни насоки како да се постапи понатаму со цел да се добие добра понуда, од аспект на тоа како да се изготват спецификациите, односно како да се утврдат критериумите во корелација со потребата на договорните органи“, вели Алексов.

Златко Алексов, член на Совет за јавни набавки

Поради навремено отстранување на грешките кои се јавуваат во процесот на јавните набавки, сега, вели Алексов, имаме поквалитетни решенија за склучени договори, со што се отстранува и недовербата која се јавувала кон државните институции.

Изборниот период, кој заврши со Одлуката на Уставниот суд за поништување на Одлуката за распуштање на Собранието, не влијаел врз работата на Советот, од причина што постапувале по секое барање за кое е утврдена оправданост од страна на договорниот орган, независно дали се распишани избори.

„Но се согласувам дека има различни толкувања од страна на договорните органи во однос на тоа дали треба да се намалат активностите или да се зголемат. Државната комисија за спречување на корупцијата има одговорено на најчесто поставуваните прашања и сите договорни органи имаат конкретни насоки како да постапуваат во оваа фаза, што е уредено и во членот 11 од Законот за спречување на корупцијата. Треба да се спроведуваат сите постапки кои навремено биле планирани на почетокот на годината, односно што влегле во планот пред отпочнување на предизборниот период“, вели Алексов.

За надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата и за мислењата и препораките што ги издава таа до државните институции, зборувавме и со претседателот на ДКСК, д-р Игор Тантуровски.

Игор Тантуровски, претседател на Државна комисија за спречување на корупција

Од аспект на надлежностите што ги има Државната комисија за спречување на корупцијата во делот на Законот за спречување на корупција и во делот на Изборниот законик, кои се однесуваат за предизборниот и изборниот период,  ДКСК постапува, пред сè, според членот 11 од Законот за спречување на корупција и членовите 8-а и 8-б од Изборниот законик, но и според други членови од споменатите закони кои ѝ даваат надлежност на ДКСК

„Во рамките на овие надлежности, при почетокот на изборните активности, ДКСК како колективно тело на барање на Генералниот секретаријат на Владата издаде насоки во форма на мислења до сите државни органи во врска со постапувањето, не само во делот за јавните набавки туку и пошироки препораки со цел да се избегнат бројни прашања кои би се однесувале на истата сфера, а за сите институции“, појаснува Тантуровски.

Овие мислења беа објавени и на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата и беа доставени до Генералниот секретаријат на Владата кој ги лиферуваше до сите државни институции.

И покрај мислењата што ги издала, Комисијата добила повеќе од 700 прашања за дополнително појаснување на нејаснотиите кои се јавиле кај институциите во нивното постапување во предизборниот и изборниот период.

„Јавните набавки беа опфатени во седум точки од Генералното мислење за начинот на постапување на институциите за време на предизборниот период. Во тој дел, дополнителните прашања најмногу се однесуваа на промената на планот за јавни набавки, кои набавки можат да се вршат а кои не, но тоа беше мала, но значајна рамка која опфаќаше поголем дел од јавните набавки“, вели Тантуровски.

Игор Тантуровски, претседател на Државна комисија за спречување на корупција

„Прашањата за јавните набавки не беа број еден според нивната бројност, иако имаше поголем дел на прашања поради нејаснотии кои им се јавуваат на институциите во делот на итните и неодложни набавки кои мора да ги спроведат, а не смеат да вршат промена во планот за јавни набавки за време на изборниот период. Според нашето мислење, институциите во поглед на ваквите прашања треба да го почитуваат Законот за јавните набавки кој ги предвидува овој вид на јавни набавки“, вели Тантуровски.

Како што потенцира Тантуровски, откако беше објавена во „Службен весник“ Одлуката на Уставниот суд за поништување на Одлуката за распуштање на Собранието на РМ, ДКСК  ја запрела својата работа според изборниот режим, која се однесува на нејзините надлежности во предизборниот и изборниот период.

АКАДЕМИК ОБУКА: Јавните набавки од аспект на Советот за јавни набавки и Државната комисија за спречување на корупцијата