/ Прочитано:

2.104

ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО: „Намалувањето на бројот на новопримени кривични пријави се должи на лошата општествена состојба“

Намалувањето на бројот на новопримени кривични пријави се должи на лошата општествена состојба во земјава, а честото менување на кадрите на раководни позиции во МВР се одрази врз ефикасното откривање на криминалот, се вели во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година.

 „Споредувајќи ги статистичките податоци за предметното работење на Јавното обвинителство на Република Македонија, вишите јавни обвинителства, основните јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се заклучи дека во извештајната 2016 година е обезбеден висок степен на ажурност, стручност и квалитет во постапувањето по предметите.

Од извештајот произлегува дека во 2016 година јавните обвинителства постапувале против вкупно 29.384 лица, што во споредба со претходната 2015 година кога имавме 32.013 лица значи разлика од 2.629 лица или намалување за 8,21% во однос на претходната 2015 година.“

„Намалувањето во обемот на постапувањето се должи, пред сè, на намалувањето на новопримените кривични пријави против полнолетни лица, што во 2016 година изнесува19.063, а во однос на претходната 2015 година кога имавме вкупно 21.539 пријавени лица е помалку за 2.530 лица или 11,7%“, се вели во извештајот.

Во однос на кривичните дела сторени од деца во судир со законот, посочуваат од Обвинителството, во текот на 2016 година имавме 1.186 пријавени деца и тоа во однос на претходната 2015 година кога имавме вкупно 1.360 деца значи намалување за 174 или 12,8%.

„Во однос на непознати сторители во извештајниот период, имаме пријавени вкупно 9.135 лица, додека, пак, во претходната 2015 година имавме 9.085 лица што подразбира зголемување за 50 лица или за 0,5%“, додаваат од Јавното обвинителство.“

Намалувањето на бројот на новопримени кривични пријави, истакнуваат од Обвинителството, се должи на лошата општествена состојба во која се наоѓа Република Македонија во изминативе две години.

„Честото менување на кадрите на раководни позиции во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, смената на министрите, неформирањето на нова Влада во Република Македонија која на чело на оваа значајна институција ќе постави постојан министер со целосни овластувања, директно се одразија врз ефикасното и ефективно откривање на криминалот, а со тоа и врз работата на Јавното обвинителство. Ова е од причини што Министерството за внатрешни работи учествува со 70% од вкупно поднесените кривични пријави во јавните обвинителства, а во извештајната 2016 година ова Министерство поднело 1.306 кривични пријави помалку во споредба со 2015 година“, велат од Јавното обвинителство.

За Јавното обвинителство, проблемот со неносењето измени и неусогласување на Законот за јавното обвинителство со Законот за кривичната постапка ја ограничува улогата на јавните обвинители од аспект на самостојно откривање криминал.

„Она што е значајно да се напомне е дека и во текот на 2016 година, законодавниот дом не ги донесе и повеќе од потребните измени на Законот за јавното обвинителство на кои Јавното обвинителство инсистираше да бидат донесени уште пред започнувањето со примена на новиот Закон за кривичната постапка.“

„Од вкупниот обем на постапување, основните јавни обвинителства во текот на 2016 година решиле пријави против 17.851 лица или 59,3%, а на крајот од годината во работа останале кривични пријави против 12.223 или 40,6%. Податоците искажани во овој Годишен извештај говорат дека на крајот на годината, најголем број предмети кои сè уште се во фаза на предистражна постапка, односно се во работа кај други органи или кај јавните обвинители, се евидентирани на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје и Вишото јавно обвинителство Гостивар“, се вели во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година.

M.В