/ Прочитано:

840

Јавното обвинителство повикува меѓународни експерти за предметите поврзани со актуелните случувања

Петок, 13 март 2015 – Јавното обвинителство на Република Македонија доставило официјална покана до органите на Европската Унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети, заради, како што велат од Обвинителството, оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања.

„Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Јавните обвинители функцијата ја вршат законито, непристрасно и објективно. Во рамки на своите надлежности, а во име на општеството се грижат за ефикасност на кривичноправниот систем. Во своето постапување јавното обвинителство доследно ги почитува законите на Република Македонија,  ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти инволвирани во постапките. Ценејќи дека отвореноста во постапувањето е фундамент на демократијата, јавното обвинителство посветува должно внимание на транспарентноста. При тоа континуирано обезбедува информации за текот на предметите во фазите на постапувањето кога со откривање на информациите не може да се наруши натамошниот тек на кривичната постапката“, велат од Обвинителството, нагласувајќи дела имаат капацитет да се справат со сите предмети.

„Повторуваме дека јавното обвинителство има капацитет да се справи со сите предмети, но во насока на нашата транспарентност, како и со цел оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања, Јавното обвинителство на Република Македонија достави официјална покана до органите на Европската Унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети“, укажуваат од Јавното обвинителство.

Од Обвинителството дополнуваат посочуваат дека ваквата одлука е одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат согласно законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување.

„Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување. Воедно веруваме дека ќе придонесеме кон градење на довербата во независното и самостојно постапување на јавното обвинителство“, истакнуваат од Јавното обвинителство.