/ Прочитано:

1.580

Јовица Стефановиќ – Нини: Груевски не го познавам, невозможно е да сме договарале поткуп

Понеделник, 1 септември 2014 – „Не ги познавам лично ниту Груевски, ниту Заев… ниту, пак, сум разговарал со нив. Никогаш не сум разговарал со Груевски за ‘Македонска банка’“ – дециден беше Јовица Стефановиќ-Нини на денешното продолжение од судењето  по тужбата за клевета и навреда која премиерот Никола Груевски ја поднесе против лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Македонска Банка“. Сведочењето на Стефановиќ претставува пресврт во процесот  со оглед дека тој беше повикан  како сведок на тужениот, а сведочеше во корист на тужителот.

Час и половина адвокатите на премиерот Никола Груевски и на лидерот на СДСМ Зоран Заев ги кршеа копјата околу сведочењето на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини. Заев на пресконференција пред неколку месеци обвини дека Груевски лично ја продал „Македонска банка“ на Стефановиќ, а при продажбата, добил 1,5 милиони евра во готово. Како доказ беше понудена аудио-снимка на која според тврдењата на Заев, се работи за договор помеѓу Груевски и Ден Дончев. Ниту снимката, ниту Дончев не беа прифатени како докази од Судот на подготвителното рочиште кое се одржа во јули. 

„Со оглед на фактот дека клучните докази предложени од тужената страна беа одбиени, а распитот на овој сведок беше предложен исклучиво во функција на расветлување на факти, а пред се изведување на аудио снимката, го повлекуваме предлогот за негово сослушување бидејќи истиот требаше да сведочи во поглед на докази кои не се прифатени. Бараме од Судот да го повлече решението за сведочење на Стефановиќ и да го отповика“, истакна Филип Медарски, кој е дел од адвокатскиот тим на Заев.

Никола Додевски, адвокатот на Груевски, инсистирајќи Стефановиќ да биде сослушан како сведок, ова барање го протолкува како обид на тужената страна да калкулира и манипулира со постапката.

„Тужената страна се плаши од она што ќе го каже сведокот. Ова е апсурдна правна ситуација во која тужената страна се обидува да го вовлече Судот во своите калкулации. Во сите невистинити изјави, тужениот го именува Стефановиќ како лице кое договарало и му дало поткуп на тужителот, а сега се предомислува“, рече Додевски додавајќи дека со овој предлог тужената страна ги злоупотребува процесните права од Законот за парнична постапка.

И покрај противењето на адвокатите на Заев, Судот донесе одлука Стефановиќ да се сослуша.

Според  адвокатот Мирослав Вуиќ за првпат во македонското судство се забранува некому да располага со свои докази. 

Стефановиќ тврди дека не го познава ниту Ден Дончев

„Добив покана од Суд и бев непријатно изненаден кога прочитав зошто сум повикан. Не го познaвам ниту тужителот, ниту тужениот лично, со никој од нив двајца се немам ниту видено, ниту слушнато“, тврдеше Стефановиќ во својот исказ пред Судот.

Toj меѓу другото наведе дека акциите се купени од „Јака 80“ – Радовиш на берза, и дека како претседател на Управниот одбор, само го потпишал решението за купување акции во „Македонска банка“ преку брокерска куќа. Откако ги купиле акциите, како што рече, парите ги префрлиле на брокерската куќа.

„Акциите се купени на берза и секој можел да ги купи без да се договара бидејќи постои брокер и притоа не се знае кој е купувач, а кој продавач“, рече Стефановиќ и додаде дека по трансакцијата на паричните средства дознал дека имало десетина продавачи меѓу кои физички и правни лица.

На прашање на адвокатот на Додевски, дали во врска со продажбата на акциите во „Македонска банка“ со било кого договарал поткуп, одговори:

„Нелогично е и невозможно да се договара поткуп ако не знаете кој е продавачот“.

Адвокатите на Заев имаа едно прашање за сведокот, односно дали го познавал Ден Дончев, кој според нив е посредникот и еден од соговорниците на аудио снимката. На ова, како одговор од Стефановиќ,  добија само децидно „не“.

Ниту Груевски, ниту Заев не беа присутни на денешното рочиште.

Судењето ќе продолжи утре со изведување на докази, но и со искази на странките во постапката, а се очекува да биде изречена и пресудата. Премиерот Груевски од Заев бара отшета во висина од половина милион евра.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk