/ Прочитано:

2.725

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ со измени во Ценовникот

Вторник, 23 јули 2013 – Пајак службата на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ од сега ќе наплаќа по 1.500 денари за возило кое е непрописно паркирано на територијата на Општината, доколку веќе е ангажирана пајак службата, вчера одлучија советниците на Општина Центар зголемувајќи ја казната за 500 денари повеќе.

Измената во ценовникот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ вчера беше изгласана на седницата во Советот на Општина Центар. Oд сега наместо 1000 денари, сопствениците чии возила се непрописно паркирани, а веќе пајак службата е дојдена на лице место, ќе плаќаат глоба од 1500 денари. Оние, пак, чии возило веќе ќе бидат преместени во депото на пајак службата и понатаму ќе плаќаат 2.500 денари. Секој час од престојувањето во депото и понатаму чини 60 денари.

На вчерашната седница се усвои зголемување на цената на бизнис картата која ја користат правни лица што имаат основано компании на територијата на Општина Центар. 

Вработените во компаниите од сега па натаму, месечната карта ќе ја плаќаат по 800 денари што е за 300 денари повеќе од претходно. Измените во ценовникот важат за сите паркинзи со кои управува јавното претпријатие и тука се вклучени нулта зона или зона 0, зона 1 и зона 2.

Исто така, од 2.000 денари на 2.500 е зголемена и услугата на пајак службата при преместување на неисправно, напуштено или оштетено возило во сообраќајна незгода. 

Откако одлуката на Советот на Општина Центар ќе биде објавена во Службен весник, ќе почне да важат измените во Ценовникот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.