/ Прочитано:

984

JСП ГИ ЗАСИЛУВА МЕРКИТЕ: Снимачи и зголемен број на контролори за спречување на насилството во автобусите

Четврток, 28 ноември 2013 – Педесет снимачи за камери ќе бидат инсталирани во автобусите на ЈСП Скопје, а ќе се зголеми и бројот на контролори со цел спречување насилството кое бележи раст во однос на минатата година. Досега во врска со оваа проблематика пријавени се 207 малолетници, од кои 35 се гонат кривично, додека 172 нивни врсници зработиле прекршочни пријави. 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ денеска го промовираа пилот проектот „Спречување на нарушувања на јавниот ред и мир во автобусите на градскиот превоз“.

Проектот во почетната фаза ќе се спроведува во четири општини-Кисела Вода, Сопиште, Ѓорче Петров и Гази Баба, а ќе се фокусира на сите средношколци.

Според Јанкулоска превентивната работа со малолетничката популација е на самиот врв на приоритетите на МВР.

„МВР во своето превентивно дејствување секогаш се водело и од актуелните проблеми и состојби, но не го занемарувало и планското, континуирано секојдневно ангажирање на полициските служби, рече Jанкулоска. 

Директор на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Мишо Николов, информира дека за првите шест месеци од годинава, без последните инциденти, регистрирани се 9 напади врз возачи и 15 инциденти, најчесто тепачки меѓу средношколци. Тоа, подвлече, претставува влошување во однос на минатата година, кога се евидентирани осум напади врз возачи и 12 тепачки меѓу средношколци.

Тој информира дека ЈСП – Скопје за 50 автобуси се набавува снимачи за камерите, а најверојатно почетокот на следната година веќе ќе бидат инсталирани, со што ќе му се помогне на МВР да ги идентификува насилниците.

„Нашата обврска согласно овој проект е да ги информираме нашите патници за проектот. На дисплеите внатре во автобусите ќе бидат испишани пораки со кои ќе ги повикаме граѓаните достоинствено внимателно да се однесуваат во автобусите“, изјави Николов.

Дополнително, нагласи Николов, се вработени четворица контролори кои од 1. септември работат на линиите 65 и 55, како најризични линии. Нивната задача е да ги превенираат инцидентите. Директорот на ЈСП – Скопје најави и вработување на нови 4 до 6 контролори кои ќе бидат ангажирани на поризичните линии, меѓу кои оние накај општина Сопиште, кај Хемиското и ПТТ училиштата.

Според градоначалничката Беличанец-Алексиќ, партнерскито однос помеѓу полицијата и локалната самоуправа е клучот на успехот зa рано откривање и превенција односно сузбивање на криминалот и насилството на улиците.

„Наша обврска и одговорност е да создадеме безбедна средина за младите генерации, да ги промовираме општоцивилизациските вредности кажувајќи му „не“ на насилстото во училиштата, правејќи ги нив места за промоција на вредностите на толеранција, меѓусебен респект и разбирање“, истакна таа.