/ Прочитано:

832

„ЈУСТИЦИЈА“: Досега осум спогодби

Среда, 6 мај 2015 – Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вчера постигна спогодба со уште двајца осомничени во предметот „Јустиција“, судии кои активно ја вршеле функцијата. 

„Обвинетите судии со јавниот обвинител склучиле спогодба за сторено кривично дело – несовесно работење во службата. На едниот му е определена казна затвор во времетраење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од три години осуденото лице не стори ново кривично дело. На вториот му е определена казна затвор во времетраење од девет месеци, која нема да се изврши доколку во рок од две години осуденото лице не стори ново кривично дело.

Прифаќајќи ја склучената спогодба, судијата од надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје изрече соодветни пресуди“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

Во акцијата под оперативно име „Јустиција“ лани во октомври беа уапсени  25 лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, и тоа 14 судии и 11 судски службеници.

Надлежните ги товарат осомничените за несовесно работење, односно за криење во фиока на повеќе од 8.000 предмети за кои не била наплатена казна, со што, според Обвинителството, буџетот бил оштетен за над 1,3 милиони евра. Според МВР, осомничените воделе постапка без да се појават обвинетите, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување. На застарените пресуди, според МВР, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.

На ниту еден осомничен не му беше изречена мерка притвор, но се суспендирани од работното место до правосилноста на пресудата.  Досега се спогодија осум лица.