/ Прочитано:

841

„ЈУСТИЦИЈА“: Почнува судењето против судиите и стручните соработници

Вторник, 29 септември 2015 – Тринаесет лица, судии и стручни соработници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, обвинети во случајот „Јустиција“, денеска ќе седнат на обвинителна клупа. 

Во акцијата „Јустиција“, која се случи лани во октомври, беа уапсени дваесетина лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 под сомнение за кривичното дело несовесно работење во службата. Јавно обвинителство – Скопје, во меѓу време, склучи седум спогодби. 

Според кривичната пријава, судиите и службениците со неизвршување на службената должност нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал. Според МВР, осомничените воделе постапка без да се појават странките, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување. На застарените пресуди, според МВР, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.