/ Прочитано:

1.434

Како лулка на континенталната правна традиција, германското право го краси перфектна номотехника и правна логика

Од 24 до 27 ноември на Правниот факултет при Универзитетот во Белград, Германската фондација за меѓународна правна соработка – ИРЗ од Бон, СР Германија, во соработка со Правниот факултет при Универзитетот во Белград, организираше семинар на тема „Вовед во германското право“ за студенти по право од Македонија, Србија и од Босна и Херцеговина. Интересот за германското право и континенталната правна традиција беше еден од условите за учеството на семинарот. Семинарот претставуваше своевиден кворум на правната наука и практика. Опфатени беа разни теми претежно од базичните гранки на правото, како граѓанското и казненото (кривичното) право така и некои теми кои се на границата помеѓу политиката и правото, како на пример правниот режим за времето на нацизмот во Германија и германското соочување со мрачното минато од тој период, вели Златко Јакимовски, студент на магистерски студии по Казнено право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој беше учесник на семинарот.

akad 4

Овој месец во Белград се одржа семинарот на тема „Вовед во германското право“, организиран од Германската фондација за меѓународна соработка. Што беше вашиот предизвик да бидете дел од овој семинар?

Основен мотив зошто и оваа година решив да бидам дел од семинарот насловен како „Вовед во германското право“ беше минатогодишното искуство. Имено минатата година овој семинар беше одржан за првпат, во хотелот Радика – Леуново. Имајќи предвид дека се работи за мошне интригантни теми од правото, кои се презентирани од страна на предавачи со завиден квантум на знаење за дадените проблематики, несомнено се пробуди и желбата кај мене за присуство. Она што ме мотивираше дополнително е фактот што семинарот се одржа на еден од најдобрите правни факултети во Југоисточна Европа, Правниот факултет од Белград, кој оваа година реши да ги собере најдобрите студенти од правните факултети во Скопје, Белград, Зеница и Крагуевац. Накратко, се работи за организација што има изразен степен на професионалност и компетентност.

akad 4

За што се говореше на семинарот и кои теми се опфатија во таа насока?

Семинарот претставуваше своевиден кворум на правната наука и практика. Опфатени беа разни теми претежно од базичните гранки на правото, како граѓанското (општиот дел, стварното, облигационото, семејното и наследното право) и казненото (кривичното) право така и некои теми кои се на границата помеѓу политиката и правото, како на пример правниот режим за времето на нацизмот во Германија и германското соочување со мрачното минато од тој период. Се разбира, посебен осврт беше даден на германското право, поточно на влијанието на европското примарно и секундарно право (регулативи, директиви) врз германското граѓанско право, пред сè во зоната на потрошувачкото право каде што сè поизразена е тенденцијата за овозможување повисок степен на заштита на потрошувачите, особено од „дискутабилните“ општи услови на работењето на големите корпорации кои ги наметнуваат овие услови како дел од секој потрошувачки договор.

akad 4

Понатаму, се разработуваа и некои институти на германското граѓанско право кои се специфични, како на пример неакцесорните заложни права, непознати за нашето право, или пак стварноправните договори кои, исто така, се непознати за нашето право. Што се однесува, пак, до кривичното право, се дискутираше за германското казнено материјално и казненото процесно право. На пример, интересен осврт имаше на фактот што Германија е првата држава која го укина институтот „истражен судија“, но го задржа континенталниот тип на главна расправа, со судот како активен играч во постапката, кој се грижи да ја утврди материјалната вистина, нешто што е спротивно од новиот бран на „американизирање“ на казнените постапки на овие простори кои ја форсираат странкарската постапка во која судот е веќе пасивен. На крајот од семинарот имаше и работни групи кои повторно ги отворија темите за кои се дискутираше и изнесоа сумарни заклучоци на пленарниот состав на семинарот.

akademik foto 1

Колку е актуелно германското право во денешен контекст?

Германското право мислам дека е поактуелно од кога било. Се работи за еден правен систем кој го краси совршена номотехника и изразен степен на апстрактна правна логика содржана во правните норми кои обезбедуваат тоа право, т.е.  законите да живеат долго време, иако се објект на постојани законодавни измени. Имено, самото нивно право е логички заокружена целина, еден кохерентен систем на апстрактни правни норми кои се саморегенерирачки систем, и по секоја промена на законодавството, веднаш се апликативни старите закони, без потреба од некои нови толкувања. За крај, мислам дека по Брегзит, правото на Европската Унија ќе биде местото каде што Германците ќе го пласираат својот главен извозен продукт – германското право и германскиот јазик.

akademik foto 1

До какви заклучоци се дојде на семинарот?

Се дојде до една ноторна констатација дека правото на Сојузна Република Германија е задолжителен водич при компаративната анализа на секоја законодавна промена на овие простори. Исто така, еден од заклучоците беше дека колку што влијаела Германија на европското право, ист степен на влијание имало и во спротивна насока. Се говореше и за тоа дека не секоја директива (рамковна одлука) е целосно имплементирана во германското право во нејзиниот изворен облик, туку дека Германија се држела до духот на директивите. Впрочем, сите дојдовме до согледбите што однапред ни беа познати на сите нас, а тоа е дека Германија е столб и лулка на континенталниот систем на правото.

М.В