/ Прочитано:

4.078

Како полагав Кривично право — адвокат Владимир Ракочевиќ

Секогаш се трудев да читам литература од познати професори. Еден по еден учебник – ги совладував. Со секој нов труд што ќе го земев в рака, ми растеше самодовербата, го раскажува своето искуство со одреден испит од студентските денови долгогодишниот адвокат по кривично право, Владимир Ракочевиќ.

„Како студент не учев само од една книга за одреден предмет. Така беше и со Кривичното право. Освен од примарната литература, учев и од други книги. Пред да полагам, учев од неколку учебници од балкански професори. Не сакав да прелистувам еден учебник неколку пати, туку секогаш читав нова литература.

Секогаш се трудев да читам литература од познати професори. Еден по еден учебник – ги совладував. Со секој нов труд што ќе го земев в рака, ми растеше самодовербата.

На просторите на поранешна Југославија постоеја професори кои, освен што беа истакнати на балканско ниво, беа многу почитувани и во европските академски кругови. Од нивната литература не можете да не научите.

Засекогаш ќе го паметам мојот професор по Кривично право, Панта Марина, кој му беше добар пријател на вујко ми. Поради нашите пријателски односи, сите колеги мислеа дека без проблем, од прва, ќе положам со висока оценка. Седнав кај него во кабинет и извлеков три прашања. На секое прашање професорот ми велеше: „Одлично, Владимир“. Кога слушнав дека и на третиот одговор вели: „Одлично, Владимир“, јас станав да си одам. Тој ми рече: „Не, Владимир, сега ќе те прашам за законот, да видам дали си го учел“. Ми постави неколку прашања од законот што беше донесен, но сѐ уште не беше ставен во наставна програма и, нормално, јас не го знаев. Ми го зеде индексот, низ целиот простор каде што се впишуваат оценките, ми напиша 5. Мислам дека професорот сакаше да научам, а не само да положам.

Подоцна на испитот се покажав како навистина подготвен. Освен што учев од учебници, ги поминав и сите законски прописи од кривичната материја. Уште кога ги видов, со голема самодоверба почнав да зборувам. Бев сигурен дека ќе положам.

И во мое време имаше колеги што тешко го поминуваа овој предмет. Професорите бараа многу и не помагаа кога полагавме. Ако паднеа по трет пат, студентите полагаа пред комисија.

Со оглед на тоа што целиот живот се занимавам со кривична материја, денеска сум му многу благодарен на професорот Марина. Дури и во еден наврат му реков: „Ви благодарам, професоре, што ми дадовте 5, а ви ги одговорив сите прашања. Со тоа ми покажавте дека навистина сакате да научам“.

На денешните студенти им порачувам пред сѐ да ја сфатат оваа материја, а не да ја научат напамет за да ја пеат. Сѐ ќе им биде залудно ако немаат капацитет, јака свест и способност за расудување и за изведување на заклучоци.

Кривичната материја, според мене, е најспецифичната од сите правни науки“.


 За Академик, адвокат Владимир Ракочевиќ

21.06.2015 

ЗА СВОИTЕ СТУДЕНТСКИ ДЕНОВИ: