/ Прочитано:

2.339

Какви обврски се пропишани за операторите во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите

Во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите се уредуваат и обврските за Оперативно-техничката агенција и операторите. Во делот за правата и обврските на Оперативно- техничката агенција   и операторите во законот се пропишува дека ОТА и операторите се должни активностите поврзани со следење на комуникациите да ги забележуваат во системот на електронскиот регистар.

По приемот на судската наредба, односно писменото известување за издадена усна судска наредба, овластеното лице во ОТА е должно веднаш да ја активира и направи достапна комуникацијата за која е издадена наредбата до овластените лица во органите овластени за следење на комуникациите во согласност со овој закон и да овозможи пристап до средствата за собирање податоци од комуникациско-информациските системи на органите овластени за примена на мерките за следење на комуникациите.

Операторите, се пропишува во законот, се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со овој закон. Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат  опрема, да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до OTA, со цел да се овозможи спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа во согласност со овој закон. Агенцијата за електронските комуникации по барање на ОТА врши надзор врз операторите за исполнување на обврската.

Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема и соодветни медијациски уреди, кои овозможуваат рефлектирање на сигналот во ОТА за овозможување на спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа во согласност со овој закон. ОТА врши надзор на исполнувањето на обврската од страна на операторите.

OTA, се пропишува понатаму во Предлог-законот, ги утврдува мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги во врска со неговите обврски за спроведување на мерките за следење на комуникациите во согласност со овој закон.

ОТА врши надзор на примената на мерките и стандардите за информациска безбедност од страна на операторите, во согласност со ставот 4 на овој член. Операторот е должен да одреди лице одговорно за примена на мерките и стандардите за информациска безбедност.

Во случај кога операторите имаат воведено компресија или криптозаштита на комуникацискиот сообраќај, должни се неа да ја отстранат, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до ОТА.

Операторите, се пропишува во Предлог-законот, имаат обврска да овозможат на ОТА, спроведување на мерките за следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење.

Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи.

Операторите треба да обезбедат лицето чиишто комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со спроведување на мерките за следење на комуникациите. Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чиишто комуникации се следат.

Операторите, се вели во Предлог-законот, треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чиишто комуникации се следат.

Законското образложение на Предлог- законот за следење на комуникациите

Се брише членот 175 од Законот за електронските комуникации во кој се пропишуваат должностите на операторите при следење на комуникациите

Во подготовка нов Закон за следење на комуникациите и нов Закон за оперативно-техничка агенција усогласени со препораките на Прибе

М.В