/Прочитано:

273

Канадскиот автор Малком Гладвел го предлага правилото „10 000 часа“ за подобра професионална ориентација

Малком Гладвел, канадски автор чијашто специјалност се мотивациски говори и текстови, на едно свое предавање го претставил правилото „10 000 часа“, временска рамка која ја смета за доволна за да се стекне експертиза во одредена област со која човекот се занимава.

Ова време е потребно за да може да се истражи и развие потенцијалот што се крие во секој човек, смета Гладвел , а истовремено да се открие талентот на личноста што ќе му помогне во неговата професионална ориентација.

Она што е важно во правото и адвокатурата за овие 10 000 часа е практичната работа, 10 000 часа поминати и во читање закони и правна литература. Споредните работи (контакти со други луѓе, на пр.) со кои се соочува правникот, во никој случај, не треба да се потценат, бидејќи преку интеракцијата се зголемува нивото на експертиза и знаење.

Со остварувањето на тие практични часови, дури тогаш правникот може да се смета себеси за експерт во одредена област, а доколку е вработен во некоја фирма како правник или адвокат, сопственикот треба да му ги овозможи тие часови за младиот правник или адвокат да стекне солидно искуство во областа што се работи во компанијата, професионално да се усоврши, а истовремено и да придонесе за растот и ефикасноста на фирмата.

Ова правило им помага и на адвокатските фирми да бидат подготвени за соочување со новите проблеми и предизвици во работењето , имајќи ги предвид поминатата практика и стекнатото искуство на адвокатот.

Правната индустрија има потреба од брзи промени за да остане во чекор со светот кој секојдневно се модернизира и во кој клиентите бараат услуги од вистински експерти. Правилото „10 000 часа“ можеби нема секого да направи експерт за сè, но важно е на клиентите да им се даде уверување дека нивната работа е во сигурни раце.

С.М.