/ Прочитано:

833

Караџиќ не знаел за масакрот во Сребреница — ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА

Чeтврток, 2 октомври 2014 – Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, не знаел за масакрот на над 7.000 муслимани во Сребреница во 1995 година – ова денеска пред Хашкиот трибунал,  во својот завршен збор го истакна Питер Робинсон, адвокат на Караџиќ. Тој побара од Судот  да се отфрли обвинението за геноцид против неговиот клиент. 

„Не постои ниту еден доказ дека д-р Караџиќ планирал или наредил егзекуција на затворениците, или дека тој знаел за тоа“, рече Робинсон.

„Всушност, тоа се криело од него. Сите сведоци изјавија дека Караџиќ не бил информиран и дека тој немал никаква улога“, додаде Робинсон. Тој потенцира дека масакрот на илјадниците мажи и момчиња, извршен во јули 1995 година,  од страна на силите на босанските Срби, е „незамисливо злосторство“, но, оти би било „неправедно“ Караџиќ да се осуди за геноцид.  „Обвинителството не докажа дека убиствата и условите за живот на затворениците, имале за  цел уништување на група и со тоа остварување на геноцидни намери…Доказите против Караџиќ се толку тенка теорија, која се распаѓа кога фактите ќе се одделат од заклучоците“, наведе Робинсон. 69-годишниот Караџиќ е обвинет за планирање на геноцидот во Сребреница во 1995 година и во уште седум други босански општини во 1992 година, за прогон на несрпското население, за тероризирање на населението на Сараево кое во војната се наоѓало под опсада и за земање на мировници на ООН како заложници.  Обвинителите, кои завршните зборови ги дадоа на 29 септември, побараа доживотна затворска казна за поранешниот водач на босанските Срби, наведувајќи дека тој бил „движечката сила“ на политичкото етничко чистење за време на војната во Босна и Херцеговина, за да може без проблем да се однесува како мафијаш, а се покажало и дека бил голем лажго. Караџиќ, пак, вчера во својот завршен збор изјави дека нема докази што ги поддржуваат тврдењата на обвинителството дека тој планирал геноцид, етничко чистење и воен терор, и дека судот му судел на целиот српски народ. По повеќегодишно бегство,  Радован Караџиќ е уапсен во Белград во јули 2008 година, по што му беше испорачан на Трибуналот. Судењето започна во октомври 2009 година, а Обвинителството со изнесување на докази заврши на 25 мај 2012 година, по сведочењето на 195 сведоци. Изнесувањето на доказите на одбраната започна на 16 октомври 2012 година и завршено е на 1 мај оваа година, по сведочењето на 238 сведоци. Караџиќ во текот на судењето изјави дека масакрот во Сребреница е мит и дека муслиманите ги исценирале злосторствата за да можат да ги обвинат босанските Срби и дека тој правел се што е во негова моќ за да избегне крвава граѓанска војна во Босна. Се очекува пресудата да биде изречена во текот на летото 2015 година.