/ Прочитано:

1.456

Караџовски: Зачувувањето на угледот и достоинството на судиите е приоритет на Судскиот совет

„Постапувањето на СЈО е во спротивност со точката 1 од Амандманот 25 од Уставот на РМ, кој децидно ја утврдува самостојноста и независноста на судската власт во Македонија, како и членот 99 од Уставот, кој предвидува дека судијата има неограничен мандат, како основна гаранција од евентуални притисоци и влијанија при вршењето на функцијата“ истакна Караџовски.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

Повикувањето на сослушување на петмина судии од Управниот суд во својство на осомничени лица од страна на Специјалното јавно обвинителство е основната причина да се обратиме до јавноста, изјави денеска претседателот на Судскиот совет на РМ, Зоран Караџовски.

Караџовски нагласи дека судиите се повикани на сослушување во својство на осомничени лица поради одлуки донесени при извршувањето на нивната судиска функција, а ваквиот начин на постапување на Специјалното јавно обвинителство е во спротивност со основните начела и стандарди за независност и непристрасност на судиите.

„Постапувањето на СЈО е во спротивност со точката 1 од Амандманот 25 од Уставот на РМ, кој децидно ја утврдува самостојноста и независноста на судската власт во Македонија, како и членот 99 од Уставот, кој предвидува дека судијата има неограничен мандат, како основна гаранција од евентуални притисоци и влијанија при вршењето на функцијата“ истакна Караџовски.

Тој смета дека недоличното однесување кон судската фела, како што рече, на одредени субјекти во македонското општество покажува нивно неразбирање за позицијата на судството како трета независна власт.

„Ваквото однесување единствено има за цел да го поткопа интегритетот на судството. Со загрозување на независната положба на судиите се доведуваат во прашање и некои од стандардите за независност кон чие остварување ние, како судии, сме целосно посветени. Какво било влијание или обид за дискредитација на судиите преку грубо и директно, или пак  суптилно мешање во нивната работа и постапување по конкретни предмети, односно одлучување по нив, е во целосна контрадикторност со барањата на меѓународните институции во оваа сфера“, рече Караџовски во неговото денешно обраќање до македонската јавност.

Претседателот на Судскиот совет подвлече дека претседателите на судовите и, воопшто, сите судии во РМ се единствени во нивниот став дека независноста на судската власт и угледот и достоинството на судиите се врвен приоритет поради што се подготвени на некомпромисна борба.

Караџовски додаде дека и претходно имало притисоци, но дека тие не биле толку изразени, поради што досега не почувствувале потреба како институција да се обратат до јавноста.

Одговарајќи на прашањето зошто раководството на УБК синоќа одби да спроведе судска одлука, Караџовски рече дека тоа е проблем на тој што одбил и дека постојат постапки соодветни за таква ситуација.

А. Б.