/ Прочитано:

1.123

КАТАСТАР: Досега издадени имотни листови за 137.000 легализирани објекти

Вторник, 24 ноември 2015 – Агенцијата за катастар на недвижности досега издала 137.000 имотни листови за објекти кои добиле правен статус, од вкупно поднесените 360.000 барања од почетокот на процесот за легализација во март 2011 година.

До крајот на 2017 година ќе можат да се поднесуваат новите барања

Надлежните институции очекуваат забрзување на процесот и дополнителен број барања со неодамна усвоените законски измени од Владата. Новините од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, што се во собраниска процедура, беа претставени на отворените денови на Катастарот и на Управата за имотно- правни работи, што од денеска се одржуваат во Општина Бутел. Се предлага продолжување на рокот за поднесување барања за легализација до 31 март следната година. До крајот на следната година се пролонгира рокот за доставување геодетски елаборати за старите барања, а за новите барања рокот ќе биде крајот на 2017 година.

„Во олеснувањето на барањата за легализација е и можноста да се легализира објект кој во моментот е на приватно земјиште. Досега постоеше оваа можност, но беше потребно да има писмена согласност од страна на сопственикот на земјиштето. Со измените на Законот веќе ќе нема потреба од писмена согласност, но граѓанинот ќе треба да обезбеди уверение за движење на парцелата во кое ќе се види дека земјиштето било на РМ, а потоа сопственикот го има приватизирано. Тоа ќе биде доволно голем број граѓани да можат да ги легализираат објектите“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски.

Во општина Бутел во првиот рок се поднесени 6.900 барања за легализација, а проценките на општината се дека дополнително ќе бидат доставени од 700 до 1.000 нови барања од граѓани кои претходно ја пропуштиле можноста од различни причини.

„Од поднесените 6.900 барања, 3.700 се веќе решени и се доделени решенија, а 1.436 се веќе обработени, но поради некој недостаток на граѓаните им е дадено укажување. Со новите законски измени можеби и тие многу бргу ќе ги решиме“, изјави градоначалникот на Бутел Петре Латиновски

Граѓаните да ја искористат можноста за приватизација на градежното неизградено државно земјиште

Директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски, пак, апелира граѓаните да ја искористат можноста за приватизација на градежното неизградено државно земјиште. Рокот што траеше до 15 декември лани е продолжен до 15 јуни следната година.

„Со последните новини во Законот овозможивме до 15 јуни следната година да може да се поднесе пријава до Катастарот каде во соодветна постапка ќе може да се промени правото на користење во право на сопственост по сила на закон. Тоа е и последната можност за трансфoрмација на корисничкото во сопственичко право и апелирам до сите кои од различни причини го пропуштиле рокот за поднесување барања за приватизација да ја искористат оваа можност“, изјави Крстановски.

Во Одделението на Управата за имотно правни работи во Општина Бутел, кое ги покрива и општините Чаир и Чучер Сандево, од вкупно поднесените 16.800 барања за приватизација на градежно неизградено змејиште, 5.500 се проследени во други подрачни одделенија, забрзано се постапува по тие предмети и веќе се доделуваат решенија.

„Во ова одделение остануваат за работа околу 5.400 барања“, информира Крстановски.

Извор: МИА