/ Прочитано:

1.602

КАТИЦА ЈАНЕВА: Шестмесечниот извештај ќе го презентирам во Собранието на РМ и во Советот на јавните обвинители

„Целата македонска јавност треба да биде уверена дека СЈО ќе продолжи со својата работа со цел граѓаните на РМ да ја дознаат вистината кој и на каков начин, во приодот од 2008 до 2015 година, извршил кривично дело кое произлегува од содржината на незаконското следење на комуникациите, кој се збогатил на сметка на граѓаните на РМ, и тоа богатство да биде вратено во Буџетот на РМ и да биде искористено на адекватен начин, и најважно од сè СЈО на законски начин да утврди кој вршел прислушување во земјава и со која цел“, рече Јанева.

Ленче Ристоска и Катица Јанева, прес за вториот Извештај

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција го презентираше вториот шестмесечен извештај за работата на СЈО. Јанева најави дека извештајот денеска ќе биде доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители. За разлика од првиот извештај кој беше доставен до овие институции и кој, и покрај нивното инсистирање, не беше презентиран лично од Јанева, денеска таа најави дека е подготвена лично да го презентира вториот извештај пред законодавниот дом и пред членовите на Советот на јавните обвинители во периодот од 19 до 30 септември.

„Целата македонска јавност треба да биде уверена дека СЈО ќе продолжи со својата работа со цел граѓаните на РМ да ја дознаат вистината кој и на каков начин, во приодот од 2008 до 2015 година, извршил кривично дело кое произлегува од содржината на незаконското следење на комуникациите, кој се збогатил на сметка на граѓаните на РМ, и тоа богатство да биде вратено во Буџетот на РМ и да биде искористено на адекватен начин, и најважно од сè СЈО на законски начин да утврди кој вршел прислушување во земјава и со која цел“, рече Јанева.

Покрај тоа што најави дека ќе ја презентира својата работа пред Собранието на РМ, Јанева го повика законодавниот дом да ги донесе измените за Законот за заштитени сведоци, предложени од страна СЈО, за тоа да може да навезе во суштината на предметот за убиството на Мартин Нешкоски и за предметите „Монструм“ и „Сопот“.

Покрај двата нови предмети, за кои СЈО денеска ќе поднесе обвинителни предлози, во извештајот е наведено дека во извештајниот период од 15 март до 15 септември отворени се и четири истражни постапки во кои се опфатени 40 лица.

И во вториот извештај на СЈО се наведува дека продолжува тенденцијата на другите државни органи да му ја отежнуваат работата на ова обвинителството. Од друга страна, пак, меѓународната соработка на СЈО се одвива добро и веќе се започнати првите постапки за обезбедување на меѓународна правна помош.

Од 1 април годинава во Специјалното јавно обвинителство на работа се примени вкупно 34 лица, и тоа во јавнообвинителската служба и лица кои вршат помошни и технички работи.

„За целокупното финансиско работење на СЈО во извештајниот период заклучно со 15 септември реализирани се средства со вкупен износ од 72.941.547,00 денари или 28,75 % од буџетот на ова јавно обвинителство.

Во останатиот дел од извештајот се опфатени активностите на СЈО околу преселбата во нови простории, бројот на извршени постапки по повеќе основи од Законот за кривичната постапка, како и бројот на други истражни дејствија кои биле преземени во изминатиот период.

М. С.

ШЕСТМЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ НА СЈО: Специјалните обвинители работат на 120 предистражни постапки