/ Прочитано:

1.620

КАТИЦА ЈАНЕВА: Шеф на гевгелиското Обвинителство, едукатор во Академија и поранешен стручен соработник во суд

Вторник, 15 септември 2015 – Педесетгодишната Катица Јанева, Јавен обвинител  на Основното јавно обвинителство Гевгелија и долгогодишен обвинител, ќе биде специјалниот јавен обвинител, што ќе ги расчистува случаите „Пуч“ и „Прислушување“.

Катица Јанева е родена на 09.02.1965. Студирала на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од 1983 до 1989 година, а правосудниот испит го положила во 1996 година. Во 1998 година, таа се вработила како стручен соработник во Судот во Гевгелија.  Јанева, својата кариера во Обвинителството во Гевгелија ја започнала во 2003 година како помошник обвинител, по што 2009 е именувана за обвинител.

Во во 2010 година е избрана од Советот на јавни обвинители за шеф на Основното јавно обвинителство Гевгелија, а годинава мандатот и е продолжен за уште четири години.

„Нормално дека сме задоволни од нејзината работа и стручност кога повторно едногласно и го доверивме  мандатот. И при нејзиниот прв избор, таа беше едногласно избрана“, вели за Академик, Константин Кизов, член на Советот на јавни обвинители.

Јанева, моментно  е едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а има завршено повеќе обуки, меѓу кои висока обука за борба против мафијата, корупцијата и организираниот криминал во Италија. Во 2013 година била на студиски престој во САД, на обука за Закони за кривична постапка. Како член на управните ограни на Здружението на јавни обвинители учествувала во повеќе активности, меѓу кои и на подготвување на Законот за Јавно обвинителство. Во 2014 година нејзиниот проект со наслов „Алтернативи на затворските осуди, општествено корисна работа и други мерки“ е прифатен од Американската амбасада во Скопје.

Според Кизов, тоа што Јанева доаѓа од  обвинителство кое има само основна надлежност и кое не работи случаи од организиран криминал и корупција, туку полесни кривични дела, не претставува хендикеп, односно пречка за успешно спроведување на зададената задача.

„Зошто тоа да преставува пречка? Секој обвинител е обучен да постапува по било какво кривично дело. Земете предвид и дека таа ќе има свој стручен тим од соработници, кои самата ќе ги избере. Што значи дека извесно е дека во тимот ќе има и обвинители од организираниот криминал, како и експерти од други профили“, вели Кизов.

Јанева, според анкетниот лист, „тежи“ 250.500 евра

 Јанева во имотниот лист во Антикорупциската комисија има пријавено (не)движен имот од над 250.000 евра.  Од личен имот таа пријавила само возило Рено 5 Кампус вредно 4.000 евра, и две трансакциски сметки на кој вкупно има околу 500 евра. Како имот на брачен другар Јанева пријавила плац од 263 метри квадратни во Конско вреден 1.000 евра и земјоделско земјиште од 20.000 евра, моторно возило Ровер 45 кое е проценето на 20.000 евра, девизен депозит од 80.000 евра, и 20.000 евра од продадени акции. Како имот, пак, на родителите, обвинителката има наведено две куќи со двор во вкупна вредност од 105.000 евра.

Посебниот закон со кој треба да се уредат работата и надлежностите на специјалниот денеска треба  да се најде на разгледување и гласање во Собранието.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk