/ Прочитано:

1.140

Казни за физичките лица кои тргуваат со хартии од вредност на странски пазари

Понеделник, 18 август 2014 – Надлежните институции почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку интернет-платформи во хартии од вредност на странски пазари, што е забрането согласно Закoнот за девизно работење, велат од Министерството за финансии, НБРМ и Комисијата за хартии од вредност.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека во Република Македонија согласно со Законот за девизно работење, физичките лица – резиденти на Република Македонија, не смеат да вложуваат во хартии од вредност во странство. Според тоа, тргувањето, односно вложувањето во акции, обврзници, инструменти на пазарот на пари, деривативни финансиски инструменти и во други финансиски инструменти на странските финансиски пазари преку интернет-платформите е забрането“, посочуваат од овие институции.

Додаваат дека во последно време се забележува наплив на понуди за заработка со тргување преку интернет-платформите, кои ветуваат остварување големи приноси и дополнителни парични средства за вложување, со цел полесно привлекување на потенцијалните инвеститори.

„Тргувањето преку интернет-платформите со себе носи голем број ризици и може да доведе до високи загуби за вложувачите. За да се спречи ваквото тргување, надлежните органи почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку овие интернет-платформи“, децидни се од таму.

Надлежните институции потсетуваат дека казните за физичките лица коишто вложуваат во странски хартии од вредност на овој начин се во висина од 1.500 до 3.000 евра.