/ Прочитано:

1.165

Ќе се формира државно АД „Водостопанство на Македонија“

Четврток, 4 септември 2014 – Владата донесе одлука за формирање на акционерско друштво во државна сопственост – „Водостопанство на Македонија“ чија  цел, како што истакнуваат оттаму, е создавање на подобри улови за производство во земјоделството и поквалитетен инвестициски циклус.

Одлуката е донесена на минатата владина седница, а новото водостопанско претпријатие ќе ја извршува работата што ја имаат водостопанските претпријатија.

„Целта е со формирањето на акционерското друштво сериозно да се подобри степенот на давање услуги кон земјоделците и да се обезбеди стручен кадар којшто ќе ги реализира инвестициските циклуси“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Седиштето на акционерското друштво ќе биде во Скопје, а постоечките 12 водостопански претпријатија ќе станат негови подружници. Во оние места каде што нема вакви претпријатија или каде што водостопанските друштва покажуваат послаби резултати можно е да бидат формирани нови претпријатија.

Одлуката, како што појасни Ѓорѓиев, е донесена по направени опсежни анализи и истражувања во изминатиот период.

Една од причините за формирање на новото претпријатие е да се овозможи успешна реализација на најавените инвестиции во водостопанството во износ од 20 милиони евра на годишно ниво во следните 10 години. Од друга страна направените анализи покажале дека во голем дел водостопанските претпријатија ги извршуваат своите работи на соодветно ниво, но оти има и претпријатија кои позитивно работат, но со одредени потешкотии, како и такви кои имаат слабости во работењето.

„Веруваме дека со оваа наша одлука ќе обезбедиме можности за инвестиции во сферата на водостопанството, вработување на стручни лица кои ќе бидат носители на процесите на модернизација и реформи во овој сектор се со цел обезбедување подобри услови и можности за земјоделците како предуслов за поквалитетно производство на храна“, подвлече Ѓорѓиев.

Во следните 30 дена ќе се одржат повеќе јавни дебати со цел да се направи прифатливо законско решение кое ќе биде доставено до Собранието на Република Македонија.