/ Прочитано:

2.210

Ќе се основа Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка

Петок, 18 јули 2014 – Предлог – законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка се наоѓа во собраниска процедура. Комисијата е неоподно да се формира за да им се овозможи право на жалба на граѓаните и во одлуки донесени во прекршочна постапка пред тело кое ќе биде специјализирано за таа област и кое поефикасно ќе ги решава жалбите, наведуваат од предлагачот, Министерството за информатичко општество и администрација.

Според предложеното законско решение, Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка.

„Во правниот систем на Република Македонија, до сега не беше регулирано правото на жалба против одлуките за прекршок што се донесени од орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, кога со закон е пропишано тие да одлучуваат во прекршочна постапка. Во овие случаи лицето против кое е донесена таквата одлука имаше право директно да заведе управен спор. Со таквото решение Управниот суд беше доведен во ситуација постојано да прима тужби против одлуки за прекршоци, кои се во огромен број и не може навремно да бидат решени“, наведуваат од Министерството за информатичко општество и администрација во врска со потребите за донесување на законот.

Од Министерството потенцираат дека со цел да се надмине ваквата состојба, како и да им се овозможи право на жалба на граѓаните и во одлуки донесени во прекршочна постапка пред тело кое ќе биде специјализирано за таа област и кое поефикасно ќе ги решава жалбите потребно е да се формира Државна комисија која се покажа како ефикасно решение во однос на одлучувањето во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

„Во однос на одлучувањето во втор степен во областа на инспекцискиот надзор, досега беше предвидено во вакви случаи жалба да се поднесува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Со оглед на бројот на предмети во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а имајќи го во предвид и крактерот на жалбените постапки против актите на инспектори, со формирањето на посебна комисија која ќе постапува по овие акти ќе придонесе за поголема ефикасност во решавањето на предметите но истовремено ќе им овозможи на субјектите на надзорот поголема заштита на нивните права и правни интереси во инспекциските постапки“, образложуваат од Министерството.

Со формирањето на посебна Државна комисија, велат од таму, од една страна ќе им се гарантира правото на жалба на граѓаните против наведените одлуки, а од друга страна ќе се овозможи поголема ефикасност, економичност и стручност на решавањето на истите.

Како цели на предложеното законско решение се наведени:

  • Гарантирање на правото на жалба во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка  и
  • Ефикасност, економичност и стручност во решавањето на жалба во  областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка
  • Начелата на кои се заснова предлогот се истите на кои се заснова Законот за општата управна постапка.

Според предлогот, Државната комисија  е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице, а има своја стручна служба.

На вработените во стручната служба се применуваат одредбите од законот со кој се регулираат правата и обврските на административните службеници. Државната комисија е составена од претседател и шест члена кои функцијата ја извршуваат професионално.

Претседателот и членовите на Државната комисија ги избира по пат на јавен конкурс и ги разрешува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

>>>Предлог – закон за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка

(М.В)