/ Прочитано:

1.206

Ќе се забрза процедурата за посвојување на дете – скратени рокови заради овозможување позитивна средина на детето

Понеделник, 21 јули 2014 – Предложени измени на Законот за семејство со кои ќе се забрза постапката за посвојување деца преку давање подолги рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца, како и зајакнување на капацитетите на институциите и вработените вклучени во процесот и казни доколку не постапат согласно законот и роковите. Министерството за труд и социјална политика како предлагач на измените, вели дека со овие измени треба да се  унапреди целокупната постапка за посвојување на деца без родители и родителска грижа. Со скратувањето и дефинирањето на роковите на малолетното дете ќе му се овозможи позитивна средина за развој во новото семејство на можните посвоители.

Што содржат новите законски измени?

  • Со предложените измени во членот 1 рокот од една година не му се знае престојувалиштето на родителот на детето се намалува на девет месеци. Со определување на рокот од 9 месеци се создаваат законски претпоставки малолетното дете да биде сместено во семејство на можни посвоители на помала возраст, односно постапката за посвојување да биде завршена во пократок рок.  Со ова на малолетното дете ќе му се овозможи стимулирачка средина за развој во семејство на можни посвоители и љубов и нега кои што му се потребни. Исто така, во истиот член намален е  и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител,  за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци. Покрај скратувањето на рокот од една година на девет месеци во кој рок центарот за социјална работа треба најмалку три пати да го повика родителот и да му укаже на последиците од непреземањето на грижата за детето, се предлага на родителот да му се даде дополнителен рок од 10 дена да ја преземе грижата за детето или да даде согласност за негово посвојување. Доколку родителот во тој рок не ја превземе грижата за детето, не дојде на закажниот термин, а не го оправда своето недоаѓање и не даде писмена согласност за посвојување на малолетното дете, ќе се смета дека родителот се согласил детето да биде дадено на посвојување.
  • Во членот 2 се утврдува обврска на центарот за социјална работа за секое дете што ќе го смести во институција или друго семејство во рок од 5 дена од сместувањето на детето писмено да го извести ЈУ Заводот за социјални дејности Скопје, кој врши надзор над стручната работа на центарот за социјална работа. Доколку од надзорот над стручната работа се утврдат неправилности во работењето на центарот за социјална работа, за тоа ги известува инспекторите и другите државни службеници во Министерството за труд и социјална политика, овластени за спроведување на инспекцискиот надзор, кои  во рок од 5 дена вршат инспекциски надзор.
  • Во членот 3 се врши допрецизирање на постапката во делот на обновување на потребната документација за посвојување, односно се дава обврска на центарот за социјална работа да ги известат посвоителите за потребата од обновување на документацијата, во спротивно со предложените измени се предвидува дека истите ќе бидат избришани од регистарот на можни посвоители. Посвоителите кои се избришани од регистарот поради необновена документација, можат до Комисијата повторно да поднесат барање за посвојување на дете.
  • Во членот 4 се врши намалување на рокот во кој центарот за  социјална работа е должен до Комисијата да достави наод и мислење на стручен тим и поединечни наоди и мислења на стручните работници со предлог за упис во регистарот на можни посвоители, од 15 дена на 10 дена.
  • Во членот 5 се определува рок од 30 дена во кој Комисијата треба да донесе одлука за упис во регистарот на можни посвоители.
  • Во членот 6 се врши намалување на рокот на Комисијата за оцена на здравствената состојба на децата без родители и родителска грижа за доставување на наод и мислење за здравствената состојба на децата, од 15 дена на 10 дена. Истовремено е намален и рокот во кој Комисијата за засновање на посвојувањето треба да изврши упис на детето во регистарот на можни посвоеници, од 30 дена на 15 дена, со што се забрзува постапката за сместување на детето во семејството на можните посвоители.
  • Во членот 7 се определува обврска на центарот за социјална работа за следење на можните посвоители по извршениот упис во соодветниот регистар, со цел утврдување на евентуални промени по однос на нивната подобност и мотивите за посвојување.
  • Во членот 8 се врши техничко подобрување на текстот на одредбата.
  • Во членот 9 се врши дополнување на податоците кои треба да ги содржи писмената  изјава  на родителот со која дава согласност за посвојување на детето, односно се овозможува идентитетот на родителот да се потврди со лична карта или со патна исправа.
  • Во членот 10 се врши зголемување на рокот во кој родителот ја дава  согласноста детето да може да биде дадено на посвојување, од шест недели возраст на детето  на три месечна возраст на детето со цел да се даде можност на центарот за социјална работа преку стручно методолошка работа со родителот да изнајде најдобро решение за понатамошниот раст и развој на детето и да  ги зајакне капацитетите на родителот со цел детето да остане со биолошкиот родител.
  • Во членот 11 се утврдени глобите за непочитување и непостапување на предвидените рокови од страна на службените лица.
  • Во членот 12 се утврдени овластувањата на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за семејството.

МТСП: Скратувањето и дефинирањето на роковите на малолетното дете ќе му овозможи позитивна средина

 „Со овие измени треба да се  унапреди целокупната постапка за посвојување на деца без родители и родителска грижа. Со скратувањето и дефинирањето на роковите на малолетното дете ќе му се овозможи позитивна средина за развој во новото семејство на можните посвоители“, вели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов за законските измени.

Од министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека според предлогот, детето ќе може да биде сместено во семејство на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за три месеци. Се намалува и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител, за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци.

„Со измените и дополнувањата се утврдува обврска на Центарот за социјални работи за секое дете кое ќе биде сместено во институција или во друго семејство да го информира Заводот за социјални дејности кој ќе врши надзор над стручната работа на Центарот за социјални работи. Обврска на социјалната инспекција е да направи надзор доколку од страна на Заводот бидат утврдени неправилности во Центарот за социјална работа, а се воведуваат и парични глоби за непочитување на предвидените рокови кои се утврдени во законот“, потенцираат од таму.

Понатаму, во законските измени се предвидува намалување на роковите за постапување на надлежните институции и комисии кои се вклучени во постапката за посвојување на деца без родители и родителска грижа со цел  да се обезбеди најсоодветна и најдобра заштита на интересите на децата. Континуирано ќе се следат можните посвоители и по извршениот упис во регистарот, а ќе се допрецизира постапката во делот на обновување на потребната документација.

Од Министерството информираат дека се зголемува рокот од шест недели на три месеци во кој родителот ја дава согласноста детето да може да биде дадено на посвојување со цел да му се даде можност на Центарот за социјална работа преку стручна работа со родителот да изнајдат најдобро решение за натамошниот раст и развој на детето или да успеат да го убедат родителот да го задржи своето дете.

„Се кратат повеќе рокови во постапката за посвојување. Се намалува од 15 на 10 дена рокот во кој Центарот за социјална работа треба да го достави наодот со предлог за упис во регистарот за можни посвоители до Комисијата на стручниот тим и поединечните членови од стручните тимови. Се дефинира рок од 30 дена во кој Комисијата треба да донесе одлука за впишување во Регистарот, а во исто време од 30 на 15 дена се намалува и рокот во кој Комисијата за засновање на посвојување која треба да изврши упис на детето како можен посвоеник. Освен скратувањето на рокот од една година на девет месеци во текот на кој центарот за социјална работа треба најмалку трипати да го повика родителот и да му укаже на последиците од непреземањето на грижата за детето, се предлага на родителот да му се даде дополнителен рок од 10 дена да ја преземе грижата за детето или да даде согласност за посвојување. Ако родителот во тој рок не ја преземе грижата за детето, ќе се смета оти родителот се согласил детето да биде дадено на посвојување“, соопштуваат од Минситерството.

Според Министерството, во овие измени и дополнувања на Законот се внесени одредби кои ќе овозможат поефикасна и поквалитетна заштита на интересите  на децата без родители и родителска грижа.

М.В / veljanoskim@akademik.mk