/ Прочитано:

791

Кежаровски привремено ослободен, Судот ќе одлучува за условен отпуст

Вторник, 20 јануари 2015 – Новинарот Томислав Кежаровски денеска е пуштен дома од КПУ Затвор –Скопје, по одлука на Управата за извршување санкции. Оттаму посочуваат дека Кежаровски, кој во петокот по објавата на одлуката на Апелација беше спроведен во затвор, ги исполнува условите за привремен отпуст во траење од 30 дена. По истекот на тие 30 дена, тој повторно треба да се јави во затворот.

„Јас воопшто немам поднесено барање за нарушена здравствена состојба. Пред 10 минути ми стигна решение на предлог на директорот на затворот, поради влошена здравствена состојба да си одам дома. И на 18 февруари да се вратам за да си ја дослужам казната. Повеќе не сум во домашен притвор“, вели Кежаровски за НОВА.

Од Основниот суд Скопје 1, претходно информираа дека директорот на КПУ Затвор –Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднел барање за условен отпуст на Кежаровски.

„Директорот на КПУ Затвор –Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска 20.1.2015 поднесе барање за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски. Повеќе информации ќе има откако Судот ќе го разгледа барањето“, се вели во соопштението на судот.

Инаку, денеска во 12 часот, пред Апелациoниот суд во Скопје, ќе се одржи протест против затворањето на Кежаровски.

Тој  е осуден во предметот „Ликвидација“, во кој беше обвинет за издавање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот  „Ореше“ преку два новинарски текстови.  Апелациониот суд Скопје ја преиначи пресудата на Основен суд Скопје 1 во делот на казната, односно му ја намали од четири и пол на две години, по што експресно беше спроведен во затворот Скопје.