/ Прочитано:

1.367

КИРМ: Граѓаните да се приклучат со свои предлози кон измените на Законот за извршување

Понеделник, 13 јули 2015 – Комората на извршители на РМ (КИРМ)  денеска преку соопштение  го осуди говорот на омраза на поединци насочен кон извршителите,  апелирајќи истовремено за смиреност и разумност. Од КИРМ ги повикуваат граѓаните да се приклучат со свои предлози кон измените на Законот за извршување  и активно да придонесат за подобар закон за сите граѓани и сигурен правен поредок.

„По повод написите во дел од порталите и социјалните мрежи Комората на извршители ја известува јавноста дека ги разбира реакциите на граѓаните, но го осудува  говорот на омраза  на поединци и апелира на смиреност и разумност при искажувањето на своите ставови.

Во таа смисла, Комората ги повикува граѓаните да се приклучат со свои предлози кон измените на Законот за извршување и активно да придонесат за подобар закон за сите граѓани и сигурен правен поредок. Законот е објавен на веб страната „Енер“ на која слободно можат да се ставаат сите забелешки и предлози.

На сите граѓани кои имаат конкретен проблем кај конкретен извршител им укажуваме да поднесат приговор до претседателот на судот или да се обратат до Комората на извршители во случај на повреди за кои сметаат дека треба да бидат санкционирани. Затоа, стоиме на располагање ако е потребно да бидат организирани и средби со граѓаните со претставници на КИРМ со цел појаснување на процесот на извршување и приближување на извршувањето и правата на странките во извршувањето.

Уште еднаш апелираме да не дозволиме поради изолирани случаи на незадоволство, да ставиме дамка на системот на извршување како единствена успешно зафршена реформа во правосудниот систем, оценета со позитивни оценки и без забелешки од страна на Комисијата на Европската унија која го следи напредокот на Република Македонија“, се вели во соопштението на КИРМ.