/ Прочитано:

5.607

КИРМ: Странките на извршител Јулита Ѓорѓиева во иднина да се јавуваат кај извршител Методија Костадинов

Вторник, 16 јуни 2015 – Граѓаните кои биле странки кај извршител Јулита Ѓорѓиева од Скопје, која пред неколку месеци си поднесе оставка, во иднина да се јавуваат во канцеларијата на новоименуваниот извршител Методија Костадинов, информираа од Комората на извршители на РМ (КИРМ).

„Комората на извршители на РМ ги известува граѓаните кои биле странки кај извршител Јулита Ѓорѓиева од Скопје, во иднина да се јавуваат во канцеларијата на извршител Методија Костадинов, именуван за подрачјето на Основен суд Скопје 1 Скопје и Основен суд Скопје 2 Скопје, на адресаБулевар Илинден бр.42/1-3  Скопје, на е-пошта: izvrsitelkostadinov@gmail.com и на телефон 02/5112-033; факс 02/5112-383“, се вели во соопштението на КИРМ.

Костадинов беше именуван за извршител на крајот на месец февруари откако на Ѓорѓиевска, која побара да биде ослободена од овластувањата на извршител, ѝ престана должноста.

Трошоците му се признаваат на доверителот

Од Комората на извршители посочуваат дека најчестите прашања од странките при ваквите ситуации се: што се случува со предметите до назначувањето на новиот извршител, дали промената би можела да предизвика дополнителни финансиски импликации на товар на странките  и сл.

Оттаму појаснуваат дека членот 64-а од Законот за извршување предвидува дека новоименуваниот извршител ќе ги преземе предметите, книгите и евиденцијата што ја водел извршителот чија должност престанала и ќе ја продолжи работата по предметите. Доверителот којшто не сака неговиот предмет да го продолжи новоименуваниот извршител може да го повлече барањето за извршување и да го довери на друг извршител, со тоа што сите дејствија коишто ги преземал дотогаш извршителот имаат правна важност и извршителот на којшто ќе му биде доверено продолжување на постапката ќе ја продолжи постапката од стадиумот каде што се наоѓа.

„Исто така, во согласност со Законот, трошоците за извршување, за кои постои доказ дека се наплатени кај извршителот чија должност престанала, му се признаваат на доверителот, а извршителот којшто ќе продолжи со спроведување на извршувањето е должен да ги наплати од должникот и да му ги пренесе на доверителот“, додаваат од КИРМ.

Во Македонија моментално работат 98 извршители.