/Прочитано:

350

Ќе се анализираат дискреционите овластувања на носителите на јавни функции

Владата на РМ разгледа и усвои повеќе годишни извештаи за работењето на одреден број јавни претпријатија, како и Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година, по предлог на Јавното обвинителство.

При разгледувањето на Годишниот извештај на јавните обвинителства, велат од Владата, земено е предвид мислењето на Министерството за правда, во кое се наведува дека во извештајот не е содржан критички осврт за постапувањето, односно непостапувањето на јавните обвинителства по одредени предмети, како на пример, барањето за законитост за притвор за лица во бегство, како и за нестручното постапување во врска со крвавите настани во Собранието на Република Македонија на 27 април.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, по предлог на Државната комисија за спречување на корупцијата, која до Владата достави „Методологија за спроведување на анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции“.

Оваа методологија треба да биде доставена до сите носители на јавни функции и до органите на државната управа.

„Во рок од 10 дена треба да се формираат работни групи за самопроценка, составена од административни службеници кои работат на нормативни прашања и за тоа да ја известат Државната комисија за спречување на корупцијата со податоци за координаторот на работната група. Врз основа на оваа евалуација, Државната комисија за спречување на корупцијата до Владата на Република Македонија треба да достави Информација за спроведувањето на активностите за анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, до крајот на декември 2017 година“, велат од Владата.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата за склучување на договор за соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост, спроведувана од страна на „Свисконтакт“ и Владата на Република Македонија, како дел од проектот „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.

Врз основа на усвоената Декларација за слободни и фер избори, со препораки за однесувањето на државните службеници за време на изборните процеси на сите носители на јавни и државни функции, Владата донесе Упатство за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации за време на изборниот процес, како една од одредниците на Планот „3-6-9“ за итни реформи.

М.В