/ Прочитано:

1.596

Ќе се воведе целосно функционален Централен електронски регистар за граѓаните, најавува МИОА

Министерството за информатичко општество и администрација најави воведување на целосно функционален Централен електронски регистар на граѓаните, со поддршка на ЕУ и информираше дека за проектот се одвоени 1,5 милиони евра.

„Регистарот конечно ќе ги реши проблемите со базите на податоци на граѓаните во разни институции. Повеќе не треба да имаме проблеми во Избирачкиот список, со лични карти, здравствени картички и низа други документи и податоци“, вели министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Според најавите, како дел од денеска промовираниот проект „Понатамошно зајакнување на организациските и институционалните капацитети за процесот на интеграција во ЕУ GoDigital – Помош за реформа на јавната администрација  и зајакнување на капацитетите на МИОА“,  до година ќе се воведе и целосно нов портал за е-услуги.

„Проектот има клучна улога за модернизација на администрацијата и за нејзино приближување до граѓаните, а со овој портал значително ќе се зголеми бројот на документи и услуги кои ќе ги добиваат граѓаните по електронски пат. Тоа ќе обезбеди заштеда и на време и на пари. Ќе се обидеме веќе во текот на годината  заедно со проектниот тим да забрзаме дел од примената на проектот со буџетски средства “, истакнува Манчевски.

Инаку, за овој проектот  од страна на ЕУ се одвоени 1,5 милиони евра. Евроамбасадорот Самуел Жбогар вели дека реформата на јавната администрација е суштински дел од процесот на интеграција во ЕУ. Јавната администрација, додава Жбогар, е еден од трите основи утврдени во Стратегијата за проширување на ЕУ и со тоа треба да се подготви јавниот сектор на земјите кандидати за ефективно и ефикасно спроведување и примена на регулативите на ЕУ и за предизвиците на членството.

М.В