/ Прочитано:

2.529

КЛУБОТ НА ОРАТОРИ ВО ХУМАНА МИСИЈА: Преку убавиот збор до помош за сиромашните

Веќе втора година по ред во рамките на програмата ПХВ (Промоција на хумани вредности) Клубот на оратори – Forum Oratores – Скопје, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Центар, одржува ораторска хуманитарна вечер со чии средства им се помага на  сиромашни и социјално ранливи семејства.

Помош за сиромашно семејство

Оваа година со финансиските средства собрани од хуманитарната ораторска вечер ќе му се помогне на социјално загрозено семејство, кое, како што посочуваат од Клубот на оратори, покрај тоа што има егзистенцијални тешкотии, се соочува и со бирократски лавиринти за остварување на правото на социјалната помош. Претседателката на Клубот на оратори, Жанета Богоеска, за Академик вели дека тие како Клуб не само што финансиски му помогнале на семејството, туку водат битка и за институционално остварување на нивните права. Богoеска вели дека целта на Клубот на оратори заедно со Црвениот крст е да изнајдат начини да им се помогне на социјално најранливите, но и да ја промовираат хуманоста. Убавиот збор, вели Богoеска, има моќ да промени многу работи и ораторите веќе втора година работат на тоа преку јавното говорништво да се засили свеста за хуманоста, но и да се помогне во конкретни случаи.

„Раката што дава не се суши“

„Ние од Клубот на оратори се водиме од тоа дека раката што дава не се суши и традиционално, втора година по ред,  Клубот на оратори работи на хуманитарната ораторска вечер, оваа година под мотото на „Ноќ на беседите“ – од историја до хуманост. Клубот на оратори и Црвениот крст, со неговата општинска организација во Центар,  се вклучија во проектот Промоција на хумани вредности или скратено ПХВ каде што младите може да се приклучат во интеракција за доброто на општеството. Клубот на оратори оваа година избра целната група на овој проект да биде социјално загрозено семејство од општината Ѓорче Петров и финансиските средства собрани од оваа вечер ќе бидат донирани да им се помогне ним“, вели Богоеска.

 9 антологиски говори пред 150 слушатели

Оваа година за хуманитарната вечер од Клубот на оратори одбрале 9 говори кои беа изведени пред над 150 слушатели.

„За хуманитарната вечер Клубот на оратори избра 9 антологиски беседи кои се од големо значење, како за историјата на јавното говорење, така и за Клубот на оратори. Беседите беа изведени од страна на членовите на Клубот на оратори. Првата антологиска беседа беше за Марк Антониј, кога говорел над мртвото тело на Цезар, во изведба на Павел Донески. Втората антологиска беседа беше Одбраната на Вероника Франко во изведба на  Васка Бојаџи. Третата историска беседа беше дуел, можеби највпечатливиот дуел во историјата познат како говорот на Дантон и Робеспјер пред француските пратеници. Ова го изведов јас заедно со колегата Борјан Топуковски. Малку подоцна имавме женски говор  „Зарем јас не сум жена“ во изведба на Ана Ризовска. Потоа беше изведен најпознатиот говор на  Џон Кенеди – „Јас сум берлинец“ во изведба на најмладиот член на клубот, Нинослав Нанков, и последната беседа беше Словенскиот ковчег од Венко Андоновски во изведба на Стефанија Темелковска. Кон крајот беше изведен  „Мајнд контрол“, говор за новинарството и медиумите во изведба на Никола Здравковиќ. Деветтиот говор беше изведен  од сите говорници, и тоа навистина беше спектакуларно. Сите ние осуммина во еден глас го кажавме последниот мотивациски говор на Зоран Џинѓиќ “, вели Богoеска.

„Еден збор може да каже една идеја која е многу голема“

Претседателката на Клубот на оратори нагласува дека преку убавиот збор и преку промоцијата на хуманоста преку ораторството може да им се помогне на оние на кои помошта им е неопходна.

„Јас мислам дека еден збор може да каже една идеја која е многу голема. Тој збор, доколку е кажан на вистинското место, има моќ што може да промени многу нешта. Ние со оваа вечер менуваме нечиј свет, кој го правиме да биде поубав, да биде поудобен.  Несомнено, без разлика колку средства се собрани, целта е секогаш благородна и хумана, а луѓето на кои им се помага се благодарни. Убавиот збор може да ја поведе топлата, навистина не може да се промени светот, но малите работи го прават светот. Јас велам понекогаш  дека и нечиј молк може да промени нешто“, додава Богоеска.

„Срцата ни се исполнети“

Таа ги повикува сите што имаат можност да се вклучат во промоцијата на хуманите вредности да го сторат тоа за доброто на општеството.

„Несомнено, има многу луѓе на кои реално им е потребна помош. Ги повикувам сите невладини организации да се приклучат,  сите што имаат можност да се пријават во Црвениот крст кон промоцијата на хумани вредности. Еден нивни настан многу ќе помогне. Ние веќе втора година го работиме ова и повторувам дека секоја година клубот ќе помага и не само во оваа акција бидејќи често се случува да покриеме настан со хуманитарен карактер кој не е во склоп на Црвениот крст. Ние помагаме некому, но срцата ни се исполнети кога ќе заврши настанот“, апелира Богеска.

Промоција на хумани вредности

Од Црвениот крст велат дека програмата Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) веќе 16  години претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст. Таа се имплементира во сите општински организации на Црвениот крст и на годишно ниво обучува околу 1.200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата.

„Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Младите во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за доброто на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население“, истакнуваат од Црвениот крст.

Според податоците на Црвениот крст, во текот на циклусот 2013/2014 обуката ја поминале 1.276 младинци, а 1.153 од нив изработиле 210, рекорден број, мали проекти за доброто на заедниците во коишто живеат.

„Преку овие проекти тие помогнаа и поддржаа 4.055 лица од различни ранливи категории, вложувајќи 30.838 волонтерски часови“, посочуваат од Црвениот крст.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

20.5 2015