/ Прочитано:

1.035

Клучни забелешки и совети на Венецијанската комисија за уставните измени

Среда, 15 октомври 2014 – Актуелната политичка ситуација каде што опозицијата го бојкотира Парламентот не е добар момент за воведување уставни амандмани, смета Венецијанската комисија во мислењето кое го објави во врска со предлог Уставните измени. Сепак, Комисијата ги повикува сите политички сили да влезат во конструктивен дијалог и соработка во понатамошното разгледување на измените.

Покрај оваа укажување за политичкиот амбиент во кој се носат уставните измени, Комисијата се осврнува и дава сугестии, забелешки, но и позитивни оценки, за „разнообразноста на поднесените амандмани“, резимирајќи дека некои од предложените измени се позитивни, но некои се негативни.

Да не се создаде „држава во држава“

За формирањето на меѓународна финансиска зона и нејзининото управување со специјално управно тело, Венециската комисија предупредува дека ова тело  можеда добие екстензивни овластувања, а со тоа и да не биде подведено под уставноправна контрола, што може да доведе состојба тоа да не биде одговорно кон граѓаните, за кои е потребно да се осигураат дека создавањето на специјален правен режим за странските инвеститори нема да резултира со формирање на, како што наведува Комисијата, „држава во држава“.

Истополовите двојки да имаат ист законски третман како хетеросексуалните двојки

Венециската комисија потенцира дека секоја држава има дискреција во регулирањето на институцијата брак, но смета дека не треба да ја исклучи можноста да им се обезбеди на истополовите двојки исто ниво на законско признавање како и за хетеросексуалните двојки, особено што во амандманот се зборува и за други форми на партнерство.

Уставниот статус на ДЗР и Централната банка не е проблематичен

Комисијата особено ги смета за позитивни  предлозите во Уставот да биде регулиран и дефиниран независниот статус на Државниот завод за ревизија и на Централната банка.

Исто така, Комисијата го поздравува проширувањето на доменот на уставните жалби и „изземањето“ на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд од Судскиот совет.

Да се донесе Закон за Уставен суд, но и акт за спречување на конфликт на интереси меѓу членовите на Судскиот совет

Венецијанската комисија сугеира усвојување на закон за Уставниот суд и јасна дефиниција во Уставот во рамките на основните човекови права кои се заштитени со највисокиот правен акт во државата. Комисијата укажува дека во врска со предлогот пред Уставниот суд да може да бидат обжалени одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители во однос на избрани, разрешени судии и обвинители, како и за дисциплинските постапки против судиите и обвинителите, обемот на жалба треба да биде ограничен.

Комисијата смета дека разгледувањето жалби против одлуките на Судскиот совет во дисциплински случаи не е дел од основните функции на еден Уставен суд и предупредува дека заедничките последици од воведувањето на уставна жалба и од пренасочувањето на жалбите во дисциплинските случаи кон Уставниот суд, може  енормно да го зголемат  обемот на работа на Уставниот суд.

„Имајќи го предвид претходно кажаното, подобро решение ќе биде да се задржи јурисдикцијата на второстепеност во Врховниот суд, а истовремено, да се состави Правилник со кој ќе се спречи каков било конфликт на интереси меѓу членовите на Судскиот совет, членовите на апелационата (второстепена) комора на Врховниот суд и оние кои имаат право да поведат дисциплински судски постапки против судии“, смета Комисијата.

Мислење на Венецијанската комисија за уставните измени

М.В